Заев може да го погоди Груевски, само ако нишани во Ахмети!

by lali

Текстот е објавен на 14-ти ноември 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 997

Речиси сите експертско-опозициски анализи за можните ефекти од најавената бомба на Заев, главно, се песимистички. Поаѓајќи од изјавата на лидерот на СДСМ, дека Груевски ќе се засрами од она што ќе го објави СДСМ и во рок од три дена ќе си поднесе оставка, повеќемина аналитичари потсетија на челичната непробојност на медиумско-пропагандниот оклоп на режимот.

Нема таква афера, велат овие аргументи, која преродбеничкиот агитпроп не може да ја сврти против оние што сакаат да ја обнародат, потсетувајќи на случајот „Македонска банка“, кој наместо со обвинителска истрага за вмешаноста на Груевски во корупција тешка 1,5 милиони евра заврши со 50.000 евра глоба за Заев за божемна клевета.

Деновиве е актуелен скандалот со лажниот индиски инвеститор Субрата Рој, а како што ДПМНЕ ја води пропагандата, уште малку ќе ја увери јавноста оти него во Македонија го довел Зоран Заев лично! Со други зборови, каква било афера, власта може пропагандистички така да ја спинува, а потоа и институционално да ја силува, преку фамилијарното судство, што на крајот Заев да ја нема ниту шансата на бомбашите-самоубијци „црни вдовици“ кои навистина, гинат опашани со експлозив, но притоа прават крвав масакр во редовите на непријателот.

Истовремено, песимистичките анализи велат дека срамот е непостоечка црта од суровиот карактер на лидерот на ДПМНЕ, а морално-политичката одговорност на пастирот наводно мирно почива во атомско засолниште, до кое не може да допрат никакви шокантни докази, какви што во која било друга земја, со нешто помек тоталитаризам од Македонија, вклучувајќи ги државите од Западен Балкан, би предизвикале сигурен пад на Владата.

Не дека ваквите претпоставки не се засновани на факти и дека не отвораат редица логични прашања. Навистина, каде Заев мисли да ја активира бомбата? На прес-конференција која ќе ја пренесат само порталите кои не се контролирани од власта!? Како ќе ги размножи доказите за да стигнат до сите граѓани? Повторно ќе се потпре на јутјуб!?

Зошто, на пример, најсилните куршуми не би ги испукал на масовен народен собир, како оној последниот славен митинг на Црвенковски на „Партизанска“ во Скопје, на кој преку огромен видео-бим би ги обелоденил сите ѓаволски работи на режимот?Зошто еден таков народен собир директно не би го пренесувале неколку преостанати и од режимот неосвоени национални и локални ТВ-станици, интернет лајвстрим канали? И нели за тоа вреди Заев да закупи и ТВ сателит и/или во Скопје да повика неколку глобални односно регионални ТВ мрежи– како Си-Ен-Ен односно Н1 од седиштето во Белград и Ал Џезаира од Сараево!?

Зошто не би закупил комерцијални летала да пуштаат летоци со грозоморната вистина за режимот?! Зошто не би пуштил армија партиски активисти, пет, десет илјади да ја пренесуваат „страшната вест“ од врата до врата, да ги полнат поштенските сандачиња на пратениците на ДПМНЕ, на соседите во зградата на пастирот!?

Зошто не би организирал народ секој ден во друг град, пред сите седишта и штабови на ДПМНЕ, пред Владата, пред општините каде што градоначалниците се од власта, да мавтаат со просветлувачките докази! Штом нема можност за пренесување на веста по главните канали, кои власта ги задушува, постои герилски начин на пропаганда. И тој треба да се примени!

ГЕРИЛСКА ТАКТИКА

Се јавуваат и прашања од овој тип: зошто лидерот на опозицијата чека толку долго? Како што самиот рече во Битола, информациите ќе и ги кажел на јавноста „во прецизен тајминг“! Со што го врзува тој проклет тајминг? Со декемврискиот самит на Советот на министрите на ЕУ? Со крајот на парламентарната „идила“ на власта и евентуалната одлука на Груевски за продолжување на политичкиот дијалог? Со обидот на парламентарното мнозинство да им ги одземе мандатите на пратениците од опозицијата, иако тие самите поднесоа оставки?

Освен што можеби создава вознемир на исчекување за да расте адреналинот кај политичките и медиумските елити и што ја отежнува работата на пропагандистите, ако ништо друго, тогаш барем да не ја премолчат експлозијата, нели раководството на СДСМ е свесно оти на противникот му овозможува да организира гранитна одбрана, па дури и план за ефектен контра-напад!?

Што ако Груевски прв фрли повеќе шок-бомби против Заев!? Повеќе аналитичари се плашат дека во најцрните песимистички прогнози власта дури може и да го уапси лидерот на СДСМ сосе доказите. И навистина, ако режимот бил толку бескрупулозен, како што рече Заев, да го следи неговото движење за време на изборите годинава преку грчката граница и назад, што претпоставува оти ДПМНЕ и МВР веројатно имале намера да го апсат за шпионажа и заговор против државата, додека тој обезбедувал докази за досието „Македонска банка“ од Ден Дончев, зошто тогаш такво сценарио и денес не би било можно!?Се разбира, најголем дел од песимистичките очекувања од бомбата, се должат на тоа што јавноста е склона кон глорификација и фетишизирање на монструозноста на режимот на Груевски. Демек, ништо на светот и веков, а најмалку Заев и опозицијата со какви било докази, не можат да ја стресат политичката нирвана на пастирот!

Овој  дефетизам е резултат на очајот во кој е фрлена граѓанската јавност, независните и опозициските политички аналитичари кои изгубиле секаква надеж оти во Македонија се можни промени. Да, теоретски братучедите можат да го затворат и целото раководство на СДСМ, а практично тоа можат и да му го објаснат на народот, но надвор од разумот, дури и на препредените авторитарни владетели каков што е Груевски, е дека во време кога опозицијата најавува шокантни докази за афери против власта, на Заев може нешто да му се случи.

Напротив, бате Саше сигурно е загрижен за безбедноста на лидерот на опозицијата и не би требало да не изненади ако неколку полицајци во цивилка го чуваат Заев 24 часа, седум дена во неделата!? На крајот на краиштата, Груевски знае оти не може неказнето да ја помине „црвената линија“ и да го стави зад решетки лидерот на опозицијата.

Може да е серт, но не е ниту Путин, ниту Ердоган, за да се надева оти би куртулил после таква авантура. Башка, со тоа власта нема да може да спречи бомбата да пукне во јавноста, освен ако официјално не воведе цензура и полициски час – односно да забрани јавни собири, како Лукашенко! Но и во таков случај на јавно распетие, ќе има илјадници храбри „евангелисти“ што ќе ја шират веста!

ПОПУЛИСТИЧКИ ДИЈАЗЕПАМИ

Рака на срце, песимистичките прогнози за ефектите од бомбата делумно се должат и на капацитетот на раководството на СДСМ и неговиот лидер да менаџираат со доказите што ги имаат против власта. Аферата „Македонска банка“ беше еклатантен пример за тоа. Шокира и тоа што Заев имал докази ден пред изборите дека ДБК го следи, но не ги обнароди веднаш, што ќе беше првокласно алиби за непризнавањето на изборните резултати и на опозицијата ќе и дадеше политички ветар во грбот. Што го спречи лидерот на СДСМ да го направи тоа во април или мај годинава?!

Впрочем, со своите барем засега необјаснети потези Заев остави многу простор јавноста и аналитичарите да се сомневаат и во неговите намери, но и во неговиот капацитет да процени дали доказите што ги има се навистина толку шокантни!

Да се разбереме, нема власт и премиер во демократска Европа што би преживеале далеку побенигни афери од, да речеме „Македонска банка“ и „Актор“, но кога станува збор за режимот на пастирот, тогаш вистински шок кај граѓаните и политички земјотрес во државата може да предизвикаат само афери директно поврзани со животот и смртта.

Криминал во врвовите на власта, дури и поачик од оној во „Македонска банка“, кеш и куферчиња, нема да го запалат фитиљот, макар да има и видео докази. Нови докази за мамење на изборите нема да го вознемират народот на кој и онака демократијата му е последна дупка од кавалот, иако, за волја на вистината, факти оти власта, на пример, штанцала лажни лични карти за изборна лакрдија темелно би ја потресле граѓанската демократска јавност. Но, за да ја урниса власта, за да направи политичка пепел – бомбата мора да биде нуклеарна!

Еден искусен познавач на уплав-реакциите на македонскиот плебс, и самиот поранешен политички шампион на ДПМНЕ, деновиве ми вели оти народот би му простил на пастирот дури и ако го види како, да речеме, „го продава“ името и идентитетот. Може да му прости и пазарење со Албанците за поделба на Македонија слична на онаа од 2001-та, зашто сето тоа ќе му го припише на меѓународниот притисок во кој Македонија и патриотскиот водач на ДПМНЕ се жртви на светски заговор.

Дури ако опозицијата открие и заговор за убиство – ликвидација, да речеме од типот на онаа на седуммината Пакистанци кај „Раштански лозја“, народот може да се уплаши, да занеми, а стравот да не му дозволи ниту да гукне, а не пак да дава отпор.

Без оглед дали и овие прогнози се дел од политичкиот очај во кој паѓа критичката јавност, факт е оти СДСМ, како што не може да смета на срамот и на морално-политичката одговорност на Груевски, кога тој ќе ги види доказите, не смее да се надева ниту на реакциите на граѓаните. ДПМНЕ систематски го клука народот со популистички дијазепами, го шиба со мали дози коруптивни инјекции и го уценува со преживување од први до први, што не е воопшто за верување тој да се потресе од бомбата!ЧЕРГИЧЕТО НА АХМЕТИ

Токму од тие причини оптимистичките аналитичари ја разигруваат вечната карта на улогата на меѓународната заедница, на САД, ЕУ и НАТО, на Брисел и Вашингтон, па ако сакате и на странските тајни служби во демонтажата на режимот. Иако инсајдерите и свиркачите се вообичаени информатори на јавноста за криминалните афери во врвот на власта, не е непознато оти и разузнавачкиот свет, домашен и меѓународен, може да обезбеди шокантни докази.

Но, да се верува оти Запад конечно решил да расчисти со авторитарниот режим на Груевски, и покрај се пожестоките пораки од челници на Европа и НАТО или домашните амбасадори за тоталитарната природа на владеењето на ДПМНЕ, се уште е во доменот на „вишфул тинкинг“ (посакувано размислување) на опозиционерите или што би рекол нашиот народ „гладна кокошка просо сонува“.

Но, и Груевски и Заев, па ако сакате и фамозната меѓународна заедница, знаат оти „ахиловата петица“ на режимот е владеачката коалиција со ДУИ. Македонците можат сите од ред да облечат „црни кошули“ и да маршираат на звуците на ламаринениот барабан кој злокобно чука од Илинденска бр. 2, но ако на „зоти“ Ахмети му се расипе раатот и ако некој му го загрози чаламот или не дај Боже сака да му го земе скалпот, тогаш античкото буре барут што се тркала крај Вардар нема да додржи.

Значи, ако може нешто да го загрози режимот, тоа е чергичето на Ахмети на кое заедно со пастирот му се молат на шејтанот. Ако командантот реши да го повлече, дотука ќе и биде пишано на страховладата!

Но, како? Та, нели Ахмети е Груевски во огледало? Нели стопати рече и порече дека ќе го преиспитал учеството на ДУИ во власта, ако Македонија не влезе во НАТО, ако не напредува на патот на евро-атлантските интеграции, ако… дрн, дрн, јариња. Зарем некој се уште се надева во демократската грижа на совест на Ахмети?!

Не, не. Работата е во тоа, кога Ахмети ќе ги види доказите, а не Груевски, да му се збурбати, да му се одмили власта! И ич не мора да се засрами, како што вели Заев, туку да се уплаши оти ако остане само уште еден ден заедно во власта со ДПМНЕ, тоа ќе му биде „лебедова песна“. Важно е, значи, Ахмети да се почувствува изигран, излажан, наместен од своите коалициони партнери, до она дереџе, до кое политичката иднина за него би можела да биде пеколна.

Лидерот на СДСМ неколкупати повтори дека доказите што ги има се „сензитивни за меѓуетничките односи“ и дека ќе го нарушат „угледот на Македонија“. Но, дали ќе го натераат Ахмети да ја прекине коруптивната братска дружба со Груевски?„РАЗИГРУВАЊЕ“ НА ПАРАВОЈСКИТЕ

За да предизвика драматични политички промени, аферата мора да ги допре животните интереси на Албанците, да ја загрози позицијата на владеачката ДУИ, угледот на Али Ахмети кај неговото гласачко тело.

Крупна афера од таков калибар која е „сензитивна за меѓуетничките односи“ во Македонија е случајот „Монструм“. За убиството на петмина рибари Македонци кај Смиљковско езеро, пред Велигден во 2012 година, во јуни годинава, судот ги осуди на доживотна робија наводно шестмината извршители и помагачи на свирепата ликвидација.

По ова следуваа неколку протести пред судот од кои некои завршија со жестоки судири со полицијата и со насилство, за што водачите на демонстрациите експресно беа осудени на драстични затворски казни дури и до три години, што дополнително ги зовре етничките страсти кај Албанците!

Случајот „Монструм“ го чепна и политичкиот легитимитет на ДУИ. Бидејќи семејствата на осудените и протестантите тврдат оти немало никакви докази дека тие го извршиле грозоморното убиство на петмината Македонци во Смиљковци, Ахмети беше принуден да побара од амбасадорот на САД, но и од македонскиот премиер, американското Федерално биро за истраги да се вклучи во дополнителна истрага за случајот „Монструм“!

И амбасадорот Пол Волерс деновиве даде изјава со која ги повика властите сериозно да ја сфатат загриженоста на илјадници граѓани кои пред неколку месеци протестираа против пресудите за убиството кај Смиљковци.

Во меѓувреме, во Македонија почнаа да парадираат нови паравојски на Албанците. Едната, т.н. гарда на Илирида, на првиот претседател на Партијата за демократски просперитет и поранешен притвореник во Бондстил на Косово, Невзат Халили, кој пред еден месец ја прогласи Република Илирида пред споменикот на Скендербег.

Втората, старо-нова УЧК (Народна ослободителна армија), која ја презеде одговорноста за неодамнешното гранатирање на Владата. Гардата и паравојската не вознемирија никого во власта, освен што МВР најави дека наскоро ќе ја документира групата криминалци која наводно стои зад ова.

Сепак, фасцинира тоа што, покрај фразите за неисполнувањето на Охридскиот договор и „македонскиот терор на шовинистичката Влада кој допира дури до албанските фамилии и „монтираните случаи“ („Монструм“) т.н. армија, според соопштението, наводно презема терористички акции, затоа што, „…шовинистичката Влада на Македонија секојдневно се стреми полека кон Русија по урнекот на Србија. Албанците не го сакаат ова. Евроатланските интеграции водат кон просперитет…“

Се разбира, изгледа по малку смешно и патетично албански паравојски да поведат војна заради застојот во евроатлантските интеграции на Македонија, но „разигрувањето“ на албанскиот тероризам во време кога опозицијата најавува информативна бомба, без оглед дали станува збор за интернет–армија, може строго да се контролира и да се насочува.

Најважно е што може да се користи за втерување страв кај Македонците од „политичките авантури“ на опозицијата и/или на ДУИ. А може да се злоупотребува и како закана за доминацијата на Али Ахмети во албанскиот табор. А кој има таков интерес?! И зошто мислите дека никој во Македонија не е спремен за „мала граѓанска војничка“, ако работите по „бомбата“ тргнат на лошо?!

И така, се враќаме на клучното прашање. Дали бомбата крие меѓуетнички шрапнели кои можат крваво да го повредат политичкото ткиво на интегративците? Ако крие, тогаш шансите за успех на опозицијата не се изгубени. Тогаш е можеби уште подобро Заев и дружината да направат помалку или повеќе „разумен компромис“ со ДПМНЕ и да се вратат што побрзо во Собранието, а потоа да ја „рокнат нуклеарката“.

Во екот на експлозијата, не би било лошо во парламентот да покренат барање за изгласување недоверба на Владата. Груевски, навистина, има мнозинство (62 пратеници), но Ахмети ќе мора да се изјасни – дали сака да остане во такво ѓаволско друштво. Ако бомбата има повеќе експлозии, прашање е дали нив ќе може да ги издржат и пратениците од другите внатре-коалициони партнери на ДПМНЕ.

А потоа? Што би рекол Ацо Шопов во „Очи“:

„И после! И после – в последната вечер/ јас нејќам да мислам што потаму стана...“

 СИЛУВАЊЕ НА ПРОЦЕДУРАТА

Вистина е оти интегративците топ не ги бие. Сепак, тие се спротивставија на идејата на ДПМНЕ, парламентарното мнозинство да им ги одземе мандатите на пратениците на СДСМ, барајќи да му се даде шанса на политичкиот дијалог и, како што рече пратеникот Рафиз Алити, опозицијата да се врати во Собранието. До понеделник претседателот Трајко Вељановски божем треба да добие извештај за оправданоста на отсуството на пратениците на СДСМ од работата на парламентот.

Ова силување на парламентарната процедура, во ситуација кога пратениците на СДСМ имаат поднесено оставки, за кои владејачкото мнозинство не сака да расправа и да ги констатира, туку се заканува да им ги одземе мандатите, има за цел да расколеба нови пратеници од опозицијата да им се придружат на одметничките Роза, Солза и Љубица. Како и да е, ако ДУИ остане принципиелна на ставот да не им се одземаат мандатите на пратениците на СДСМ, намерата на ДПМНЕ ќе биде осуетена.

Поврзани новости