Досие „Афис“: Обвинителството решава дали ќе ја гони владата

by lali

Текстот е објавен на 31-ви октомври 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 995 и е втор дел од истражувачката сторија чиј прв дел можете да го прочитате на овој линк.

Невешт криминал и вешта изборна измама – дилемата ја отвори „Фокус“ во минатиот број. Со право прашавме каде се исчезнати двата АФИС-система за отпечатоци за лични карти и пасоши? Дали тие завршиле во приватна сопственост или во партиски штаб?

Документацијата што ја прикажавме потврдува дека Министерството за образование и наука (МОН) платило три уреди во вредност од 2,5 милиони евра, но само на еден му се знае трагата, тој што го поседува Министерството за внатрешни работи (МВР), иако претходно бил наменет за Факултетот за безбедност. Имено, МОН преку оглас во 2010-та ги повикува научно-истражувачките институции да се пријават за набавка на лаборатории, но за образовни цели.

Факултетот за безбедност конкурира за вкупно три лаборатории. Едната е за АФИС-систем за отпечатоци за биометриски документи, другата за компјутерско-форензичка опрема (хардвер и софтвер) и последната за микротраги или скенирачки електронски микроскоп.

Првата, таа за АФИС-системот, преку низа незаконити дејствија, наместо на факултетот, завршила во МВР. Индикативно е што според одлуките на владата, договорите меѓу МОН и МВР и договорот за набавка на Бирото за јавни набавки, сумата што е платена (152 милиони денари) се однесува на три системи, но во МВР има само еден.

Каде се другите два?

Зошто ниту еден од надлежните не се обиде да објасни зошто и како купените АФИС-системи исчезнале, а едниот, наместо на факултетот, завршил во МВР? Како може полицијата да користи пари од потпрограма на МОН наменета исклучиво за образовни институции? Пред да се навратиме на незаконските постапки околу АФИС-системот и неговиот трансфер во МВР, да направиме анализа на преносот на опремата наменета за другите две лаборатории – компјутерско- форензичката и таа за микротраги.

По истиот принцип како и таа со АФИС-от, и овие две лаборатории наместо на факултетот, како што била напишана апликацијата, завршиле во МВР, каква што била волјата на власта.

МВР ЌАРИЛО КОМПЈУТЕРСКО-ФОРЕНЗИЧКА ЛАБОРАТОРИЈА

Да потсетиме дека на почетокот на 2010-та се спровел јавниот повик до високообразовните институции да се пријават за опремување лаборатории. Интерес пројавиле трите државни универзитети, а биле подготвени стотина апликации од факултетите. Факултетот за безбедност од Идризово, кој дејствува под капата на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, аплицирал за три лаборатории, а не само за АФИС-от за кој пишувавме.

Но, вештиот начин на власта опремата да ја пренесе во МВР наместо на факултетот успева со сите три проекти. Сепак, дали постапката била законска и дали владата и министерствата имале право да ја одземат опремата од факултетот и да ја пренесат во државна институција и со тоа да ја загрозат основната поента на набавената опрема – научно истражување и образование на нови кадри? Факултетот проценил дека му е неопходна лабораторија за компјутерска форензика (хардвер и софтвер) и затоа се пријавил на огласот на МОН.

Подоцна се утврдува дека апликациите биле фиктивни, односно дека однапред се знаело оти и оваа лабораторија ќе заврши во сопственост на МВР. А дека тоа било така, потврдуваат активностите на МВР, МОН, владата и на факултетот.

Уште на самиот старт, индикативно е што проектот за форензички хардвер и софтвер, наместо од професорите на факултетот, потпишан е од Катерина Јовановска од одделот за крим-техника на МВР. Исто како што за АФИС-от беше потпишан извесен Бранко Петрески од истиот оддел. За апликациите не знаел ниту Наставно-научниот совет и Деканската управа на факултетот, што е задолжително.

Практично, од почеток планот како да бил опремата целосно да заврши во МВР, а факултетот да се искористи како параван со оглед дека имал право да аплицира на огласот. Но, исклучиво преку тогашниот декан Јанко Јакимов и ректорот на универзитетот, Златко Жоглев.

На насловната страница на проектот стои дека ќе се опремува лабораторија за информатичко–криминалистички испитувања, назив што соодветствува на одделение кое дејствува во состав на полициската крим-техника. Ова е уште еден знак дека однапред било испланирано како хардверот и софтверот, наместо во научни, да се користи во полициски цели. Според документацијата, во декември 2011-та се прави примопредавање на опремата од фирмата „Инсинг 2“ на МВР.

Иако договорот е склучен меѓу „Инсинг 2“ и МОН, сепак на записникот јасно стои дека примател на опремата е МВР и дека одговорно лице за контакт е токму Јовановска. На записникот има четири потписи, но нејасно е зошто потписот кај печатот на МОН нема име и презиме, како кај другите. Како краен корисник е заведено МВР со потпис на Јовановска, но и на началникот на Крим-техника, Мирослав Ушлинковски. Последниот потпис е на фирмата-набавувач.

Истото го забележавме и кај документацијата за АФИС-от, дека никогаш никој од Министерството за образование не се потпишувал со име и презиме, туку само со некаков нејасен краток потпис од една буква.

Со записникот практично опремата се пренесува директно во МВР, без да се пријави на факултетот и да му се предаде, како единствено надлежен да конкурира на огласот. Дури потоа, откако најверојатно се исплашиле за направениот пропуст и некои од професорите на факултетот почнале да реагираат, владата во обид преку документација да ја поправи грешката се заплеткува во нови незаконити дејствија.

Пет месеци откако опремата завршила во МВР, владата носи одлука, на која е потпишан вицепремиерот Владимир Пешевски, дека опремата се пренесува на Факултетот за безбедност на трајно користење без надомест. Со одлуката се наложува МОН и деканот на факултетот да склучат договор за правата и обврските околу опремата.

Но, иако владината одлука било неопходно да се спроведе, сепак никогаш ниту се потпишал договорот, ниту, пак, опремата некогаш била пренесена на факултетот. Подоцна, за да се оправда потегот дека опремата уште пет месеци пред да се додели на факултетот со записник завршила во МВР, владата прави нов пропуст – носи нова одлука, два месеца по првата. Потпишана од потпретседателот Зоран Ставревски со втората одлука опремата во јули му се одзема на Факултетот и му се дава на трајно користење на МВР.Втората одлука отвора многу дилеми и сомнежи. Како може опрема наменета за образовни институции да заврши во МВР? Како му се одзема опрема на факултетот која никогаш не ја поседувал фактички, туку само фиктивно на хартија? Зошто сите постапки се прават отпосле кога од 2011-та опремата е пренесена во МВР преку записникот со фирмата набавувач „Инсинг 2“?

На крајот, клучното, зошто тоа не е направено во мај 2012 кога владата одлучила опремата да му се предаде на факултетот? Станува јасно дека опремата не ни мрднала од МВР, како да се знаело дека за извесен период ќе има нова одлука на Владата, како што и се случило. Така владата мисли дека е покриена.

ЦЕЛА ВЛАДА Е ОДГОВОРНА?

Но, дали така мисли и јавната обвинителка Гордана Смаќовска, која година и пол спроведува истрага за да утврди кој е „мозокот“ на целата операција затоа што засега се знаат само извршителите на незаконската постапка? Како владата ќе се оправда дека пари од образовни проекти завршиле во МВР?

Зошто факултетот не ја почитувал процедурата преку наставно-научниот совет да аплицира со проектите за лаборатории? Уште повеќе, зошто не се прашани професорите, кога на факултетот му се одзема опрема, претходно дадена на трајно користење?

Зошто деканот и ректорот знаеле, а молчеле? Зошто министри потпишувале владини одлуки, иако се знаело дека опремата однапред е во МВР? Многу прашања произлегуваат од целиот случај, на кои неопходно е обвинителката да најде одговори, а притоа да покрене обвинителен акт за сите одговорни, не само за „пониските“ извршители на целата операција, како што и се очекува да заврши истрагата.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнел – Македонија“, организацијата која преку Законот за пристап до информации има обезбедено преку 30-тина документи за случајот и ги има предадено во обвинителството, анализира дека буквално целата Влада е одговорна.

Откако виделе дека нешто кривично ќе се истражува се обиделе да ги исправат грешките. Очигледни се дејствијата за незаконско прикривање. Затоа целата Влада е одговорна затоа што носела такви одлуки, посебно министрите што се потпишале. Значи, станува збор за високи функционери или организирано дејствување на високо ниво“ – коментира Тасева во период кога и натаму обезбедува докази за Јавното обвинителство. Практично, со документите на „Транспаренси“, но и со кривичната пријава на професорката од Факултетот за безбедност, Фросина Ременски, која прва го откри скандалот со лабораториите, на обвинителката Смаќовска и е сервиран предметот.

Имено, координираните Тасева и Ременски толку чисто го обработиле целиот случај и го документирале, што на обвинителката не и останува простор кој би го искористила да го затвори досието без да покрене обвинителен акт. Но, клучно е против кого ќе покрене!? Инаку, компјутерско-форензичката лабораторија има две намени. Наместо во неа да учат студентите, сега МВР си спроведува истраги. Опремата може да прави статично форензички вештачења, што значи оти може да направи претрага во одземени сервери и компјутери преку кои, постојат сомнежи дека се извршиле криминални активности!

Но, тоа не е ништо во споредба со фактот дека таквата опрема може да  има и офанзивна улога. Имено, со користење интернет, полицијата може да упадне во туѓ сервер каде и да е лоциран, да ја отвори целата архива, да ги прочита постоечките, но и сите претходно избришани комуникации, да пробие лозинки…

Згора на сѐ, иако тоа практично значи дека нечиј сервер е хакиран, сопственикот не може ниту да забележи дека непоканет гостин му го пребарува. Токму тука е злоупотребата на ваквите системи – во офанзивната природа.

Е сега, ако прашавме и ако се посомневавме каде се двата АФИС-система и дали е можно да се користеле при изработка на лични документи за идентификација за време на избори, за оваа лабораторија оправдано е прашањето како се користи и колку сервери – од фирми, институции, партии, се офанзивно проверени без да знаат сопствениците и дали таквата можност постојано се користи од МВР?

Тоа би значело дека се следат комуникациите на граѓаните, па дури и оние за кои се мисли дека се избришани и дека не постојат. Оваа опрема беше промовирана во МВР лани во февруари, иако претходно е почната обвинителската истрага за да се утврди како таа завршила во полицијата. Тогаш впечаток оставија новинарските провладини извештаи, кои објавија дека владата е финансиер на опремата, а не МОН, па под сомнеж го доведоа присуството на министерот за образование Панче Кралев на промоцијата.

И ТРЕТА СРЕЌА ЗА МВР

Каде првата и втората, таму и третата. Лабораторијата за микро-траги, како и претходните две, со игра на документи и криење траги, завршува во МВР. И тука се користи незаконита постапка за да се исполни крајната цел замислена уште на стартот. Повторно за да се опреми МВР, на огласот на МОН, конкурира факултетот.

Третиот проект е потпишан од Весна Антиќ од МВР наместо од професор. А како и ќе биде од професор, кога деканот Јакимов и ректорот Жоглев мудро молчеле, не ги известувале колегите и исполнувале задачи поставени од повисоки политички структури. Ова, тие, неофицијално, го потврдиле и во исказите пред јавната обвинителка кога одговарале на прашања во истрагата. И преку оваа лабораторија јасно се гледа дека има цела група одговорни – прво тие кои спровеле набавка, потоа и тие кои се обиделе да сокријат, односно да го оправдаат трансферот на опремата од факултетот во МВР.

Со записник од септември 2011 меѓу МОН и фирмата „Скан“ опремата за лабораторијата за микротраги завршува во МВР како краен корисник. Повторно кај печатот на МОН нема име и презиме, само краток потпис со една буква. Јасно се чита дека опремата завршува во МВР, оддел за криминалистичка техника.

По неколку месеци, откако станало јасно дека опремата наменета за високообразовни институции и научни установи не смее да биде сопственост на МВР, владата повторно преку нејасни и нелогични одлуки се обидела да ги скрие трагите и да се оправда зошто скенирачкиот електронски микроскоп за микротраги завршил во МВР. Така, во мај 2012-та, девет месеци по записникот со фирмата-набавувач, донесена е првата владина одлука, потпишана од Пешевски, со која наводно опремата му се доделува на трајно користење на факултетот, како апликант на огласот на МОН.

Факултетот и МОН се обврзани да потпишат договор за користење на опремата што никогаш не се случило. Потоа, повторно два месеци подоцна, во јули 2012-та, следува втората одлука како проверена тактика. Со неа му се одзема опремата на факултетот и се предава на МВР, иако факултетот никогаш ниту ја видел, ниту ја примил.

Така, апаратите наменети за откривање траги, пред се на микро ниво – влакна, плунка, крв, кожа… се користат од МВР наместо, како што било аплицирано на огласот, да се образуваат студентите.ЗА МВР, ВЛАДАТА И МОН СЕ ОДГОВОРНИ?

Од целата постапка за набавка на опрема за три лаборатории за Факултетот за безбедност, кои со игра на документи завршиле во МВР, произлегуваат многу неправилности. Прво, од еден документ се гледа дека МВР ја завело опремата во книговодствената евиденција за трите лаборатории на 31 декември 2013, иако според записниците опремата е предадена на МВР уште во 2011-та, по парламентарните избори.

Нејасно е како е можно опремата да постои и да е трансферирана во МВР а притоа ниту во декември 2011-та е попишана, ниту, пак, наредната 2012-та? Тука се отвора сомнеж дали навистина опремата била во МВР година и пол, пред да се заведе во книговодството!?

Понатаму, при носењето на владините одлуки за предавање на опремата на факултетот било задолжително да се потпише договор меѓу МОН и деканот, но тоа не е направено. Со вторите одлуки на владата, пак, со кои опремата се одзема од факултетот и се предава на МВР, се наведува дека МВР и факултетот мора да потпишат договор за правата и обврските околу опремата, но и тоа не направено.

Во претходниот текст, „Фокус“ објави дека отпосле МВР испратило договор до факултетот за отстапување на опремата, но деканот наследник Оливер Бачановиќ, за разлика од претходникот Јакимов, го ставил договорот на дневен ред пред професорите, кои заклучиле дека факултетот не смее да го потпише договорот затоа што практично ќе ја одобри целата незаконита постапка. Така и било, одговорот е вратен во МВР без да се потпише.

Така останува да виси спроведувањето на владината одлука. Иако било задолжително да се потпише договорот за отстапување на опремата, факултетот не се согласил постфестум да потпише затоа што проценил дека не може да предаде опрема која претходно воопшто не ја ни примил.

Потоа, контрадикторни се одговорите на факултетот и на МВР испратени во ист ден до „Транспаренси“ во кои факултетот тврди дека не потпишал договор со МВР, за разлика од МВР кое напишало дека има договор со Факултетот. На крајот, иако лабораториите фиктивно биле дадени на трајно користење на факултетот – му се одземаат, и покрај тоа што законски е прецизно наведено кога се одземаат предмети дадени на трајно користење што тука не се испочитувало.

Нелогично е и тоа што министрите во владата сигурно знаеле дека пари од посебна буџетска потпрограма на МОН, каква што била набавката на опрема за факултетски лаборатории, не може да се користат за опремување на полицијата. За целиот случај во МВР одговараат дека тие ја примиле опремата согласно одлуките на владата и за нив ништо не е спорно. Тврдат дека имаат само еден АФИС-систем за отпечатоци, а не знаат каде се другите два затоа што тоа било обврска на Министерството за образование и наука.

„Ние не знаеме колкава е вредноста на АФИС- уредот што го поседуваме затоа што тоа е обврска на МОН кое ја спровело набавката. Одлуките на владата, според кои опремата завршува во МВР, се засновани врз Законот за користење и располагање со предмети во државна сопственост“ – изјави помошник-министерот за јавност, Иво Котевски.

Дали МВР не го интересира дека е можно да има уште два АФИС-уреда во државата, каде што се лоцирани и дали им врти бројчаникот за отпечатоци и издавање лични документи? Логично е дека МВР мора да го интересира дали постојат паралелни системи за лични карти и пасоши и да отвори истрага за тоа.

Дополнително, „Фокус“ има информации дека по барање на обвинителката МВР прибрало докази и изјави за случајот и целата документација од факултетот ја имаат земено, што упатува на тоа дека имаат сознанија.НЕ ЗА КОГО Е РЕЧЕНО, АМИ ЗА КОГО Е ПЕЧЕНО

АФИС- лабораторијата е поскапа од другите две. При нивната набавка, пак, не исчезнува опрема, туку едноставно, се прави манипулација како таа целосно наместо на факултетот за едуцирање, да заврши во МВР на користење. Кај АФИС-от е очигледно, според документацијата од Бирото за јавна набавка, дека се набавиле три системи, а потоа во МВР завршува само еден.

Дури и министрите за внатрешни работи и за образование, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски потпишале договор (откако не успеале да го натераат факултетот да го направи тоа), со кој ги утврдуваат правата и обврските за апаратурата. Но, иако договорот е на сума од 152 милиони денари, колку што вредат трите системи, сепак во спецификацијата е наведен само еден. Тој за кој МВР тврди дека го поседува.

За другите два ниту некој кренал глас, ниту прашал каде се? Уште пострашно е тоа што  постои можност да се користеле за предизборни измами!

Познато е дека АФИС-от има мобилни станици, па од таму и можноста да се земаат отпечатоци и да се штанцаат биометриски документи надвор од институциите. За разлика од МВР, кое во одговорите на нашите прашања ја пренесе одговорноста на МОН, ексминистерот за образование, сега заменик, Ристовски не одговори на прашањата на „Фокус“, иако портпаролот вети дека навремено ќе имаме одговори.

Зошто се набавени три АФИС-и? Каде се другите два? Зошто на огласот за трите АФИС-и се јавува факултетот за еден, а Македонската радио телевизија (МРТВ) за другите два? Како може да се прими апликација од МРТВ на оглас за опремување лаборатории за универзитетите? А исчезнуваат токму тие два уреда кои првично биле наменети за МРТВ!

Директорот на јавниот телевизиски сервис, Марјан Цветковски, за „Фокус“ одговорно тврди дека никогаш ниту аплицирал, ниту примил, ниту пак знае како името на МРТВ се појавува при набавката на опремата.

Моите претходници колку што знам конкурирале за опремување на новинарска лабораторија наречена „Newsroom“ за едукација на студентите и младите кадри во телевизијата, но тој проект не поминал и пропаднал. За се останато навистина не ги знам одговорите, особено не за тоа како МРТВ се појавила на огласот и каква е таа опрема за отпечатоци“ –  коментира Цветковски.

Како и факултетот, така и МРТВ е искористена како параван, со тоа што раководството на факултетот знаело и било вклучено во целата постапка, за разлика од раководството на МРТВ. Можеби тоа се должи на фактот дека едниот систем, оној за факултетот, морало официјално преку чудни одлуки и договори да заврши во МВР, за разлика од другите два кои било неопходно да исчезнат. Затоа за нив нема никаква трага. И ова мора да го открие Јавното обвинителство.

ЖОГЛЕВ И ЈАКИМОВ СЕ КЛУЧНИ ФИГУРИ

Кога професорката Ременски го открила случајот на факултетот, ги известила деканот Јакимов и ректорот Жоглев. Но, нивните постапки понатаму се многу нејасни и чудни. Се однесувале како цело време да знаеле за „операцијата“ на МВР. Затоа кривичната пријава е против нив двајцата, но и против Марина Малиш Саздовска, продекан за финансии и Јован Андоновски, секретар на Факултетот за безбедност.

Но, по четирите проширувања на обвинението, обвинителката се сомнева дека и други лица, пред сѐ, од одделот за крим-техника на МВР се одговорни. „Фокус“ две седмици се обидува да стапи во контакт со Жоглев од битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“, но тој е упорен во криењето. Соочен со одговорноста што ја имал и обврските кои морало да ги преземе, а не ги презел, очекувано е Жоглев да се крие од новинарите. Според Ременски и Тасева тој се наметнува како клучна фигура која имала можност, право и обврска да го спречи незаконитото пренесување на опремата.

Во најмала рака, кога Ременски го известила, тој морал да ги алармира надлежните, пред сѐ, затоа што му е извршен упад во автономијата на универзитетот. Дали со тоа е сторено кривичното дело „непријавување“, освен што обвинителството ги гони за злоупотреба на службената должност? Исто така, дали нивниот молк може да се протолкува дека не ни смееле да изустат нешто, затоа што зад целиот случај стојат „покрупни ѕверки“.

Ако е така, тогаш обвинителката има обврска да ги открие. Ако се знае колку софистицирана и скапа опрема е набавена, а притоа се крие цело време и се прават обиди за сокривање траги, тогаш и тоа упатува дека во аферата се вмешани повисоки личности од власта. Случајот е класичен пример за тоа како не функционираат институциите.

„Ова е доказ дека институциите не соработуваат. Ние пронајдовме начин како да ја спречиме обвинителката да го затвори досието без да гони никого. Таа сега е во тесно и ако сака да покаже дека постои владеење на правото ќе мора да гони и некој од повисоките инстанци. Одлуките на Владата околу опремата се незаконити. Таа директно се меша во автономијата на универзитетот. Не може Владата да одзема опрема, уште помалку да одземе и да предаде на друг“ – анализира Тасева.Наспроти замолчениот ректор, деканот Јакимов ни одговори на телефонскиот повик кога во минатиот број пишувавме за исчезнатите АФИС уреди. Призна дека уште на почетокот министерката Јанкуловска знаела оти опремата ќе заврши во МВР.

Нејасно остана зошто деканот контактирал со министерот за внатрешни работи? Зошто целата операција се договарала во МОН во присуство на раководни лица од факултетот и од МВР? Тоа што Јакимов тврди дека немало каде да ја смести опремата и затоа се откажал, иако никогаш не ја ни примил, а напишал и писмо со кое известил дека во тек се градежни активности на факултетот токму за да се складира опремата, не е оправдување.

Уште помалку тоа што Јанкуловска изразила подготвеност да ја прими опремата. Тоа морало однапред да се знае и факултетот воопшто да не биде злоупотребен при аплицирањето.

Сепак, целиот случај со доказите за кои пишуваме се кај јавната обвинителка. Неофицијално, таа исплашена од имињата кои и се појавуваат низ документите, не сакала сама да одлучува, па можно е досието да заврши на Колегиумот на јавни обвинители. Практично, целото обвинителство ќе одлучува дали да ја гони цела влада. Со среќа, и без страв.

 

Утре, третиот дел од истражувачката сторија: „Обвинителката чека „пас“ од Јанкулоска да го гони криминалот во МВР

Поврзани новости