Премиерот, Зоран Заев, ги негираше денеска од собраниска говорница обвинувањата на опозициските пратеници дека опозицијата не била вклучена во процесот на преговори. Како што рече Заев, секоја информација од преговорите била отворено и чесно споделена со лидерот на опзицијата, Христијан Мицкоски, и со претседателот, Ѓорге Иванов.
-Има и записници за тоа, дел излегоа во јавност – рече Заев.
-Не ни е лесно, ниту на нас Владата, ниту на вас опозицијата. Разговорите за предлогот „Илинденска Македонија“ уште еднаш беа потврдени на финишот на преговарачкиот процес. Причините беа промена на Уставот за внатрешна употреба. Тука беше веќе издебатирано, но веднаш беше одбиено од Мицкоски, а Иванов даде позитивен потстрек, не беше дециден, но позитивна беше дискусијата – рече Заев.
Тој додаде дека предлогот пропаднал затоа што бил одбиен и од грчката страна, иако Заев и Ципрас првично го прифатиле.
Премирот уште еднаш испрати апел до опозицијата.
-Ова е вистински момент за обединување кон НАТО и ЕУ. Имаме неколку денови пред нас, треба да размислиме и за помирување и за простување и во овој вистински момент тоа да се направи, да си подадеме рака левата и десната страна. Too much, премногу е, ова е вистинската шанса – рече Заев, по што Собранието се повлече на пауза до 15 часот.