Заев: Македонија е окупирана од домашни поробувачи

by Фокус

Од слободна земја, оддамна ослободена од туѓи поробувачи, Македонија стана окупирана земја од домашни поробувачи, земја што пак треба да се ослободува, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев на одбележувањето на 8-ми Септември, Денот на Независноста во месноста Три Круши, во скопско Драчево.

– Од земја на сите граѓани, Македонија стана земја на поединци. За ваква ли Македонија мечтаеа и сонуваа илинденците и асномците? За ваква ли Македонија се страдало, се пролевало крв и се губеле животи во минатото? Дали мнозинството граѓани кои на денешен ден пред 23 години го кажаа референдумското ДА, помислуваа дека ќе ја видат Македонија на колена, понижена, засрамена, земја без луѓе – праша Заев.

Според него неодговорната власт на Груевски допринела околу 450.000 луѓе да се иселат од државата, од кои околу 250.000 се млади.

– Македонија ја задолжија милијарди евра, да не можат да се раздолжат ни децата на нашите деца. Ја ставија државата во медиумски мрак по теркот на Северна Кореја. Ја укинаа слободната волја, право со кое се раѓа секој човек на овој свет. Ја изолираа земјата, меѓународно ја посрамија – рече Заев и потенцираше дека задача на СДСМ е Македонија да ја извлече од хибридните режими каде што ја турна оваа власт.

Тој ѝ упати и порака на власта.

– Затоа власта треба да знае, ако се одлучат на преговори, тие преговори мора да обезбедат и законски и практични гаранции за фер и демократски избори. Како сака власта така нека ги нарече нашите барања, но законски и практични гаранции за фер и демократски избори мора да има. Ако искрено сака власта да се реши политичката криза, ќе седне и ќе разговара за нашите аргументи и барања. А сведок ќе ни биде јавноста, и за нашите и за нивните аргументи. Уште малку можеме да чекаме со разговор да ги најдеме решенијата и практично да ги реализираме. Сите знаат дека нашата земја нема многу време ниту за чекање ниту за губење. Немаат ни граѓаните – порача опозицискиот лидер.

Заев говореше на празничниот пикник во месноста Три Круши, во село Драчево.

Поврзани новости