Нов закон дозволува произволно и масовно усмртување на бездомни животни

by Фокус

На наше големо изненадување, забраната за еутаназијата на бездомни животни, која Агенција за храна и ветеринарство на наш предлог ја прифати и стави во Нацрт законот, е повлечена, реагира денеска здружението „Анима мунди“.

„Од тие причини упатуваме јавна реакција и почнуваме масовна кампања против еутаназија на животните, насилството и убивањето за што ве повикуваме сите да се приклучите и испратите фотографија со порака од вашиот миленик“, велат од асоцијацијата.

Предлог-законот за заштита и благосостојба на животните е пуштен во процедура на усвојување, поточно на 11 септември годинава ќе се најде на прво читање во Собранието.

„Анима мунди“ се најзагрижени во однос на членот 28 од законот кој, во конечниот предлог-законски текст, не ја забранува еутаназијата на бездомни животни

– Повлекувањето на забраната за еутаназија значи давање можност за произволно, нехумано и масовно усмртување на бездомните животни во Македонија, нешто за што со години има реакции и критики на македонската и меѓународната јавност и институции, вклучително и на претставниците од Европскиот Парламент. Усмртувањето освен што е нехумано, не дава никакви резултати во намалувањето на бројката бездомни животни. Впрочем, за тоа говори и последното пребројување на бездомните кучиња во главниот град, каде јасно излезе на виделина дека еутаназијата која се спроведува од 2008 година само незначително го има намалено бројот на бездомни кучиња – велат од „Анима мунди“.

Здружението смета и дека е радикален и неприфатлив членот 32 со кој се предвидува усмртување на кучињата кои каснале човек или животно.

– Посочуваме дека животните агресијата ја стекнуваат кога се стимулирани од своите сопственици и/или како резултат на траума. За таквото однесување вината треба да се бара и најде во сопствениците, а не во животните – потсетуваат „Анима мунди“.

(насловната фотографија е преземена од фејсбук-страницата на „Анима мунди“)

Поврзани новости