Заев: Кој и со каква цел ја дестабилизира Македонија?

by Фокус

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, учествува на состанокот на Советот за безбедност, кој го закажа Претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Пред состанокот, Заев изрази сочуство до семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили.

-На почетокот сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи како и до семејствата на загинатите цивили. Одлучив да присуствувам на денешната седница на Советот за безбедност, но моето присуство не значи дека јас и опозицијата даваме легитимитет за сето она што државните институции го правеа изминатите неколку години а особено последниве неколку месеци. Нашите ставови за капацитетот и легитимитетот на оваа власт се познати, од нив не отстапуваме. Но денеска имаме друг приоритет, да се спречи процесот кој очигледно води кон дестабилизација на државата и загрозување на безбедноста на граѓаните, истакна Заев.

Тој додаде дека неговото присуство на седницата на Советот за безбедност е исклучиво поради загриженоста за безбедносната состојба во државата.

-На седницата, во име на граѓаните, ќе барам објаснување кој, зошто и со каква цел ја дестабилизира Македонија, дали воопшто кризата во Куманово е завршена и дали е точно дека и во некои други региони има инфилтрирано вооружени групи? Дали безбедносните служби знаеле од порано за оваа вооружена група и од кога? Исто така, од суштинско значење е дали овие луѓе имаат било каков план и стратегија за смирување на состојбата и спречување на можна ескалација, истакна Заев.

Поврзани новости