Заев: Ќе се согласиме дека статусот на жените во нашето општество се подобрува!

by fokus

Премиерот Заев, преку видео обраќање го отвори вториот панел на тема „Заложбите на мажите за родова еднаквост“ во рамки на конференцијата „Жените во меѓународната политика“ во организација на Министерството за надворешни работи.

Тој истакна дека улогата на жените во македонското општество е многу важна, додавајќи дека тие мора да добијат право да се борат за високи позиции во една земја.

„Улогата на жените во сите сфери на македонското општеството е значајна и важна. Нивната активна улога во креирањето и реализирањето на важните стратешки политички прашања од интерес на земјата ќе придонесе за афирмација и реализација на родово свесна политичка определба во подобрување на родовата еднаквост во областа на политичкото учество, а со тоа и учеството на жените во надворешната политика.

Како претседател на Владата, застапувам ефикасно применување на националните стратегии за еднакво и рамноправно учество на жените во политиката, како и на сите препораки кои доаѓаат од меѓународните конвенции, стандарди и позитивни практики. Девојките и жените мора да го добијат еднаквото право со мажите да учествуваат, да бидат избрани на највисоки позиции, на гласност, во сите сегменти на општеството и развојот, а тука секако спаѓа и нивното учество во надворешната политика на земјата.

Во овие услови кога мажите се сѐ уште во многу поголем број носители на функции и на одлуки, исклучително е важна нашата улога, улогата на мажите, во подобрување на системот и нашето отворено делување за поголема родова рамноправност. Може да се согласиме дека статусот на жените во општеството постепено се подобрува, но уште повеќе треба да се согласиме со фактот дека треба да постигнеме целосна полова еднаквост и тоа постигнување треба да го потврдат самите жени, а не ние мажите.

Жените денеска се повеќе присутни и застапени во областите кои традиционално се сметаат за „машки“, како што се политиката, надворешната политика, безбедноста, економијата, бизнисот, но останува уште повеќе да се работи на унапредување на положбата и потребите на жените во општеството. Убеден сум дека оваа прва годишна конференција за промовирање на учеството на жените во надворешната политика е еден голем и значаен чекор за остварување на визијата за постигнување поголемо учество на жените во јавниот живот, и зајакнување на позицијата на жените и девојките во таа област“, истакна Заев.

Поврзани новости