Заев: Ќе се грижиме за секој работник, доаѓаат добри времиња за Македонија

by fokus

Премиерот Зоран Заев се обрати на свеченоста по повод отворањето на новата фабрика „Адиент“ во Tехнолошко индустриската развојна зона – Струмица.

„Ќе се грижиме за секој работник. Ќе се грижиме за секоја фирма, претпријатие, компанија. Нема да има привилегии“, изјави премиерот Заев.

- Advertisements -

Отворањето на американската фабрика Адиент, почна да се гради пред доаѓањето на новата Влада, во технолошко индустриската развојна зона во Струмица. Проектот го почна претходната Влада, а сегашниот премиер Заев, како градоначалник тогаш, даде поддршка на овој проект и го поздрави.

„Уверен сум, од одлучноста и ентузијазмот со којшто работи новата Влада, дека доаѓаат и добри времиња за сите граѓани на Македонија.

Оваа странска, американска инвестиција отвора работни места и поради тоа е од огромно значење на граѓаните на нашата земја. Инвестициите и се потребни на Македонија и поради тоа ќе посветиме големо внимание на развивањето поволна деловна клима во државата.

Преку реформскиот процес зад којшто застанавме цврсто како Влада, ќе ги отвориме евро-атлантските интеграции на Македонија. Насочени сме да овозможиме доследна примена на законските и правните регулативи, со еднакви шанси за сите и со политики на нула корупција“, рече премиерот.

Според него, исполнувањето на условите за ЕУ и НАТО, ќе ја постави Македонија меѓу државите стабилни за инвестирање, а тоа ќе биде охрабрување за странските инвеститори, вистински, квалитетни, модерни, развиени компании како оваа, да вложуваат во Македонија.

„Нашата цел е, почитувани граѓани, и инвеститори – актуелни и потенцијални, како држава да обезбедиме вистински развој на бизнис секторот, затоа што само тоа е патот кон посакуваниот и потребниот економски развој на Република Македонија.

Ако фирмите и компаниите добро работат, тогаш ќе има и повисоки плати за работниците и нови работни места за граѓаните. Ќе има и економска стабилност и напредок во државата.

Во правна и праведна држава, новата Влада на Република Македонија ќе го реализира ветеното општество на отворени можности: на граѓаните за своите егзистенции, на фирмите за нивниот развој, на перспективите за Република Македонија што ќе значат перспективи за секој кој живее и работи во нашата држава“, рече Заев во обраќањето.

 

Поврзани новости