Парламентарното мнозинство ја презема обврската да го деблокира демократскиот процес во парламентот согласно Деловникот, Уставот и законите. Ќе биде брзо избран новиот претседател на Собранието, а потоа и новата реформска Влада. Тоа е одлука на мнозинството граѓани, изразена на кредибилни избори и сите институции во државата се должни да обезбедат мирен трансфер на власта – рече Зоран Заев, лидерот на СДСМ по средбата со ко-претседавачот на Европскиот совет за надворешни односи, поранешен премиер на Шведска и шеф на дипломатијата, Карл Билт.
На средбата беше и заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Заеднички е констатирано дека демократските процеси се неопходни за напредокот на Република Македонија и дека мора да се овозможат низ почитување на Уставот и законите од страна на сите политички субјекти и институции во државата, се вели во информацијата од СДСМ.
„Нагласено е дека се недозволиви разгорувања тензии и насилства што се противуставно дело на штета на државните интереси и дека секој кој би се впуштил во такви активности ќе мора да понесе одговорност. Претседателот на СДСМ објасни дека е формирано парламентарното мнозинство од 67 пратеници. Во најава е поддршка на новата Влада од 69 пратеници. Има Програма на новата реформска Влада на унитарна Македонија што обезбедува правда и економски перспективи за сите граѓани и евро-атлантска иднина на Македонија. И дека Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ немаат право поради страв од соочување со правдата да ја загрозуваат егзистенцијата на граѓаните и стабилноста на државата“. соопшти СДСМ.
На средбата се разговарало и за „недозволивите притисоци што ги прави власта во заминување врз невладнините организации, за опасноста од блокада на целиот систем на државата ако не се избере нов собраниски претседател кој треба да ги закаже локалните избори, како и за последиците што ги трпат граѓаните и фирмите на економски план.“
Заклучено е дека е потребно што побрзо да се реализираат неопходните реформи посебно во делот на обезбедувањето независно судство и независни институции во интерес на граѓаните.