Заев: Ќе изградиме држава на правично, слободно и мултикултурно општество!

by Фокус

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, на денешниот голем протестен митинг во Скопје, се обврза дека по промената на власта ќе работи согласно неколку темелни определби, кој треба да ја претворат Македонија во држава на правично, слободно и мултиетничко општество на рамноправни граѓани.

– Македонија веќе 24 години е држава на две општества, но тоа веќе нема да бида така. Мултикултурата ќе ја градиме од градинките, заврши времето на лажни патироти. Ветувам фер распределба на доходот, а платите ќе обезбедуваат пристоен живот. Ќе бидеме социјална држава која ќе се грижи за сите категории на граѓани – изјави Заев.

Тој посочи оти субвенциите ќе бидат поголеми и воедно тие ќе предизвикуваат поголеми ефекти, а приматот наместо на странските ќе биде кон домашните инвеститори.

– Така ќе се раздвижи стопанството и ќе се отворат повеќе работни места – нагласи Заев.

Тој вети дека владата и буџетските институции нема да трошат пари за скапо рекламирање, додека финансиска независност ќе се обезбеди за судството, обвинителството и јавниот радиодифузен сервис.

– Сите спорни пресуди ќе се преиспитаат. Ќе се заложиме јавниот обвинител да се избира на непосредно избори или на предлог на опозицијата – рече Заев.

На крајот, првиот човек на социјалдемократите пред присутните рече дека ќе изградат политички консензус во спорот за името, со цел да се реши проблемот кој, според него, е пречка за перспективата на државата.

– Ќе поставиме црвени линии со цел да го решиме спорот, со заштита на идентитетот и посебноста – изјави Заев, потенцирајќи дека, сепак, на крајот последниот збор ќе го кажат граѓаните на референдум.

Поврзани новости