Заев: Груевски не одолговлекувај, оди си!

by Фокус

Пред илјадниците демонстранти, кои се уште се насобрани пред Владата, се обрати лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

-Испраќам јасна и конкретна порака од името на сите нас овде, присутни од сите етнички заедници, од различни страни на Македонија, од различни организации и партии. Груевски не одолговлекувај и самиот гледаш, заврши твоето. Оди си!, истакна Заев.

Тој од присутните побара со едно минутен молк да им оддадат почит на осумината загинати полицајци во Куманово.

Покрај присутните гости, кои земаа збор на протестот, Заев го поздрави и Бранко Црвенковски, кој беше во првите редови.

-Се измачи вистината да ја види светлината на денот. Се измачивме и ние, цели девет години. Се излеа вистината низ зборови, а сега видете извади реки низ улиците на Скопје. На Груевски не му останува ништо друго туку да ја напушти зградата позади нас, во која му се одброени часовите. Ајде свирнете, да го разбудиме човекот! извика Заев.

Тој потсети и на прислушуваните разговори, кој ги објавува веќе неколку месеци.

-Грабал од граѓаните, крадел избори, се инсталирал во полицијата и судството, се одмазувал, пикал луѓе во затвор. Заедно со соработниците го газел Уставот, а скришно се пазарел и за името. Се слушнавме на снимките. Тој мора да замине! Друго решение нема за да се врати правдата и достоинството. За да ја исправиме на нозе Македонија, која е на колена. На злоупотребите да им ставиме крај. Ми мириса на слобода. Овој 17 мај ќе влезе во историјата на Македонија. Решението за излез од кризата е Груевски да поднесе оставка а со него тоа да го сторат и јавниот обвинител Марко Зврлевски и Јово Илиевски, кои се негови продолжени раце, како и на неговиот братучед Сашо Мијалков, рече Заев, кој додаде дека не заминува додека не го врати мирот и спокојството на граѓаните.

Поврзани новости