Судијката која го води предметот „Пуч“, Љубинка Башеска, денеска рече дека четвртоосомничениот Зоран Заев ќе биде приведен, доколку не се појави на судењето закажано на 7-ми септември. Денешното прво рочиште беше одложено, бидејќи Заев не се појави во судницата.
Адвокатите побараа одложување на подолг рок, бидејќи има постигнато политички договор случајот да го води специјален обвинител, но на тоа судијката Љубинка Башеска реплицираше дека не ја интересираат политичките околности, бидејќи за случајот се уште има луѓе во притвор и затоа бараше судењето да биде закажано на пократок рок.
Заев претходно изјави дека не го признава судот и поради тоа нема да се одзива на неговите покани. За ова, судијката Башеска рече дека јавните изјави не се факти според кои треба да работи судот.
-Јас не работам по политички договор, туку само по закон. Овде имам двајца луѓе во притвор и јас морам итно да постапувам. Кој ќе ме оправда мене ако не закажам ново судење до крајот на август, велеше судијката Башеска.