Очекувам на 31 август лидерите на сите четири политички партии да го конкретизираме, потврдиме 11-ти декември како ден на избори, изјави денеска во Охрид лидерот на СДСМ, Зоран Заев како одговор на новинарско прашање.
– Два пати реков јавно дека нема услови за избори, изборите на 24 април и 5-ти јуни се одложија. Сега сум убеден дека до 31-ви август ДИК, но и политичките партии ќе ги состават медиумските тела, тоа е ад-хок телото и ќе се избере главниот уредник. Зошто сум убеден? Затоа што тоа повеќе не зависи од некои политички гласања помеѓу партиите, станува технички процес – истакна Заев.
Тој вели дека е убеден дека Државната изборна комисија ќе го заврши својот дел од прочистувањето на Избирачкиот список заради тоа што и тука нема гласање.
– Технички да се спроведе тоа што значи регистрација и тоа што значи прераспределба на гласачите од 171 илјада во вториот дел на Избирачкиот список. Очекувам 31 август лидерите на сите 4 политички партии да го конкретизираме, потврдиме 11-ти декември. Од 1-ви семптември очекувам да се формира Владата за спроведување на изборите, тоа се 100 дена до 11-ти декември. Така да Македонија, овој пат, лично јас како шеф на опозицијата, верувам и сите граѓани заедно, да гарантираме регуларни, фер и демократски избори. Гарантираме тајност на гласањето, гарантираме дека граѓаните конечно ќе влијаат со својот глас во каков правец и каква иднина ќе има Македонија- додаде Заев.