Заев: Има начини за исплата на платите и додатоците на пожарникарите

by Фокус

Социјален дијалог постои и тоа отвора простор во следните неколку дена да биде изнајдено прифатливо решение за сите, при што пожарникарите ќе можат да ја земат платата заедно со додатоците на плата. Ова, како што соопшти владината прес-служба, е заедничката констатација од денешниот онлајн состанок на премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и советникот за труд и социјална политика Милан Живковиќ со Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, како и со Тони Бошковски, претседател на Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија и со претставници на овој синдикат.

„На состанокот се разгледани можностите за решавање на прашањето со исплатата на платите на пожарникарите и на додатоците за плати, согласно постоечките законски можности на краток рок почнувајќи од ноември, како и за системско уредување на прашањето на среден и на долг рок, преку потребните законски измени што треба да се донесат преку Парламентот. Од сите страни беше покажана желба и волја за изнаоѓање прифатливо решение, преку компромисен договор за можните начини со коишто ќе биде овозможена исплатата на платите и додатоците на плата на пожарникарите, со оглед дека за нив постојат издвоени пари од Буџетот“, соопштија од владата.

Поврзани новости