Утре, во Основниот суд Скопје 1, треба да се одржи главната расправа за предметот „Пуч“, во кој еден од обвинетите е лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Минатото рочиште се одложи бидејќи од судот информираа дека се разболел поротник, а на одложувањето жестоко реагираше специјалната обвинителка Катица Јанева, бидејќи од неодамна предметот премина во рацете на СЈО. Јанева реагираше дека во судот не се појавил сведокот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на кого судот воопшто не му испратил покана.
-Реагирав на одлуката на судот да не го повика мојот сведок Груевски. Исто така реагирам и за тоа што не ви беше дозволено на вас новинарите да влезете внатре. Се надевам дека ќе присуствувате на наредното рочиште, истакна неодамна Јанева.
По одложувањето на главната расправа, реагираше и Заев.
-Ова што денеска се случи во Кривичниот суд е доказ како ова институција се држи под контрола на власта. Судењето се одложи бидејќи судот не му доставил покана на Груевски, а за да го покрие неговото неприсуство, рекоа дека се разболел поротник, истакна Заев, кој додаде дека сепак верува дека ќе ја дочека правдата.
Во предметот „Пуч“, за неовластено прислушување се обвинети лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Зоран Верушевски, поранешен прв човек на ДБК, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во МВР и струмичанецотБранко Палифров. Но, сега наместо обвинителот Златко Биковски, од Обвинителството за организиран криминал, обвинението го застапува специјалната обвинителка Јанева.
Поради видно изменетата состојба, се очекува новиот обвинител да постави и нови правила на игра, односно се очекува да искористи една од правните можности кои му се на располагање, да го повлече обвинението и да поднесе ново или да го редизејнира постоечкото, поточно за дел од обвинетите да го повлече обвинението, а на нивно место да гони нови обвинети. Токму втората варијанта е очекувана за правниците кои ги консултиравме. Тие појаснуваат дека очекувано е на обвинителна клупа наместо сега обвинетите да седнат функционери од власта, кои ќе го понесат товарот дека го организирале и реализирале неовластеното прислушување.
Според досегашното обвинение за „Пуч“, од 2010 година, па се до јануари 2015 година, вработениот во МВР, Звонко Костовски, кој во издвоена постапка се договори со обвинителството и прифати да оди три години во затвор, бил поттикнат од Верушевски и Лазаревски неовластено да слуша и прислушува телефонски разговори на владини функционери, но и членови на опозицијата. Наводно, Звонко прислушувал, и тоа цели четири години, па снимките му ги давал на Лазаревски, кој, пак, ги предавал на Верушевски. Тој, пак, според обвинението прибавувал тајни податоци и документи со намера да ги соопшти и предаде на странска држава, организација и лице кое им служи, а неговата сопруга ги преведувала на англиски јазик. Обвинетиот Заев, пак, ги искористил снимките за да го уцени и присили премиерот Груевски да формира техничка влада. Накратко, тоа според обвинителството е „гревот“ на обвинетите.
Валентина Вурмо