„Темите за кои разговаравме беа претседателските избори и идниот тек на реформските закони кои се многу важни за граѓаните и датум за почеток на преговри со ЕУ истакна премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев по средбата со првиот човек во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во однос на предлог законот за СЈО, Заев рече дека Катица Јанева и нејзиниот тим треба да продолжат со работата во рамките на јавното обвинителство, а „бомбите“ имаат свој лимит и крај, но не и материјалните докази.
„Политичкиот дијалог продолжува. Ние ќе направиме сѐ процесите да се одвиваат во вистинскиот правец. Имавме конструктивен приод и од Мицкоски. Јас ќе останам позитивен. Ние сме исправени пред сериозни историски одлуки. Секој ќе ја носи својата одговорност. Очекувам преку разговорите на работните групи да се дојде до консензус. Процесот на помирување треба да продолжи. Чувствувам позитивен однос и за тоа од опозицијата. Обврската е заедничка“, рече Заев и додаде дека не прифатил опозицијата да биде предлагач на идниот јавен обвинител.