Заев: ЕУ треба да помогне да се надминат недоразбирањата со Бугарија

by Fokus

Живееме во предизвикувачки времиња. Но, моето искуство ми покажа дека секогаш ќе има пречки и луѓе кои во име на моќта ќе ставаат клинови во тркалата: на демократијата, на правдата, на еднаквоста, вели поранешниот премиер, Зоран Заев, во анализата „Демократијата да изненадува преку сојуз на умерените, не да се консолидира“ објавена во списанието „Предизвици“.

Заев во анализата вели дека Балканот е и понатаму „под напад“ на националистички реторики, поради што повикува на обединување на умерените против радикалите.

„И колку порано умерените леви и десни лидерства и граѓанства се запознаат, се здружат и сојузат, толку поскоро и полесно ќе си го спасиме Балканот од искрите национализам коишто, на моменти, ја прекриваат дури и Преспа со
непријатен чад и мирис. Имаме одговорност да повикуваме на здружено делување, ние умерените левичари и десничари, заедно да се спротивставиме на радикалните центри и тенденции коишто од лево и десно се спојуваат зад нашиот видокруг, користејќи најопасни методи за манипулации, предизвикувајќи конфликт и судир, не нудејќи никакви решенија за напредок“, пишува тој.

Заев потенцира дека војната во Украина предизвика нов бран проширување на ЕУ со отворање преговори за членство на Украина, Молдавија и Грузија. Сепак, додава тој, „беше неразбирливо одлагањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан, особено со оние за коишто Брисел утврди дека ги исполнуваат критериумите за почеток на преговорите.“

„За среќа, кога станува збор за Северна Македонија, стартната скрининг фаза од преговорите веќе започна и сега е прашање на политичка подготвеност на Брисел да го одржи темпото, со тоа што активно ќе придонесе да се надминат сериозните недоразбирања со Бугарија.“, вели поранешниот премиер.

Во борбата против авторитарните тенденции, додава тој, од исклучително значење се демократските институции, како: изборните комисии, високите судови, локалните власти, националните институции за човекови права, медиумските регулаторни тела и антикорупциските ентитети.

„Слободата на медиумите и граѓанското образование треба да бидат, и да останат во врвните приоритети кога станува збор за инвестиции во овие столбови на демократијата и во нивното промовирање како темелни потпори врз коишто се издигнува слободното и демократско општество. Бидејќи недемократските, авторитарни режими се плашат од нив, секоја демократски ориентирана власт ја има одговорноста да ги промовира и заштитува слободата на изразување, вклучително и слободата на медиумите“, посочува тој.

„Предизвици“ е списание за општествени прашања кое се издава на три месеци, а во издание на фондацијата „Фридрих Еберт“.

Поврзани новости