Преговарачкиот процес за излез од кризата донесе документ којшто со примената на препораките и спроведувањето на целото тоа што таму е запишано ќе ги врати демократските институции во Македонија, ќе ја врати и слободата и демкратијата, но ќе ја врати и надежта за иднината, изјави синоќа лидерот на СДСМ Зоран Заев во кампот на демократијата пред владата, кој со постигнувањето на договорот се повлече.
Заев истакна дека договорот за формирање на преодна влада значи дека ќе бидат гарантори на фер, слободни и регуларни избори, на кои, според него, Никола Груевски ќе претрпи катастрофален пораз.
– ВМРО-ДПМНЕ не победувала, ги крадела изборите. Сега за прв пат ќе имаме можност да добиеме слободни, фер и демократски избори коишто ќе бидат регуларни. Јас ви гарантирам дека овој договор е само исчекор кон слободата и демократијата и силен гарант е кон она што на 24-ти април 2016 година ќе се случи. Вака поставени работите, обезвластен Груевски, со преодна Влада, разбудени граѓани, охрабрени, ќе се случи најсилниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ во новата македонска историја. Ви гарантирам дека нема да знае Груевски што тоа го снашло, ќе го казнат граѓаните на Македонија, ќе си ја вратат татковината во свои раце – рече тој.
Лидерот на СДСМ додаде дека специјалниот јавен обвинител ќе има целосна автономија да отвори истрага за се околу од проектот „Вистината за Македонија“.
– Сите сме свесни за клиентелизмот којшто е поставен од оваа власт, режимски поставена, којашто владее 9 години. До април, 2016 година ќе се навршат приближно 10 години нејзино владеење. Ве уверувам, од она што го знам, а велат Заев со овие снимките е најинформиран човек во државата, не им е лесно ни на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, ни тие ја немаат слободата. Можеби добиле право на работно место, но и оние кои чесно ја работат зависат од некој друг тутор, диктатор, којшто и ним им ја има украдено слободата. Тие не се виновни, не знаеле што правеле во врхушката на власта – нагласи Заев.