Ова е најпозитивен Извештај за Република Македонија во последните неколку години, рече премиерот, Зоран Заев, кој денеска се обрати пред пратениците и дипломатскиот кор на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието каде се разгледуваше Извештајот за напредок на Македонија.
Заев најави дека Владата ги презела првите чекори за формирање тим кој ќе ги предводи преговорите со ЕУ доколку Македонија добие датум за почеток на преговори.
-Сакам да најавам дека до донесувањето на одлуките за почеток на преговорите на Европскиот совет во јуни, ќе работиме интензивно и на подготовките за воспоставување преговарачка структура, којашто, во име на државата, ќе ги подготви и води преговорите со ЕУ за членство. Со овој чекор, демонстрираме сериозна намера и конкретна подготвеност за почеток на преговорите, со квалитетна преговарачка структура. За оваа задача ќе ни требаат најдобрите луѓе од институциите, но исто така и најдобрите луѓе во државата и целото општество. Овде не смееме да имаме никакви поделби, ниту пак предрасуди. Затоа, одам и чекор понатаму од датумот за почеток на преговорите со ЕУ, којшто очекувам да го добиеме во јуни – рече Заев.
Треба да имаме предвид, додаде тој, дека датумот за почеток на преговорите со ЕУ ќе ги отвори први најтешките теми: правосудство и владеење на правото, заштита на човековите права, борба против криминал и корупција, реформи во јавната администрација, реформи на безбедносните служби, реформи во социо-економскиот систем, успешна регионална економска соработка.
-Затоа, ракавите веќе да ги засукаме, `не чека полни раце работа, сите! Еве, покажавме дека можеме да работиме заедно. Реков дека Владата е подготвена да предводи, но и тесно да соработува со сите, и тој збор ќе го одржиме – за доброто на сите и за доброто на нашата Македонија – порача премиерот.