Груби: Оваа препорака мора да биде последна

by fokus

Oваа препорака, иако не е прва, мора да биде последна, рече претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби на денешната седница по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2018 година.

-Овој пат, е сепак поразлично од претходните 7. Ова од причина што овој пат, и ние и Брисел трчаме заедно во ист чекор кон целта. Целото наше општество, позиција и опозиција, млади и стари, жени и мажи, Македонци, Албанци и сите други, ги ставија во мирување своите потреби и барања за повисока плата, подобро здравство, повисок стандард, затоа што увидоа дека 2018 е пресудна година за нашата држава и земјите од Југоисточна Европа – наведе Груби.

Амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Семуел Жбогар пред репрезентативниот Форум го презентираше Извештајот за напредокот на Република Македонија. “Имаме чиста, неусловена препорака и тоа е охрабрување”, истакна Амбсадорот Жбогар.

Жбогар детално го презентираше Извештајот, при што констатираше, дека земјата ја надмина најголемата политичка криза од 2001, преку воспоставување на новата реформска влада, а заробената држава се надмина со системот на контрола и баланс, преку јакнење на демократијата и владеењето на правото.

Амбасадорот детално се осврна и на реформите во областа на правосудството, реформите во јавната администрација, корупцијата и независноста на медиумите. Посебен осврт имаше на унапредувањето на добрососедските политики, оценувајќи дека биле превземени одлучни чекори во оваа насока, посочувајќи го добрососедскиот договор со Бугарија, како и нагласувајќи дека “Прашањето за името мора итно да се реши”. Истакна дека реформите мора да продолжат и дека сите страни мора да имаат удел во тој проект.

На седницата свое обраќање имаше и Зоран Заев, Премиер на Република Македонија.

Премиерот Заев изрази задоволство што втор пат ја има можноста да се обрати на Комисијата за европски прашања и да даде свој придонес во дебатата по однос на Извештајот за напредокот на Република Македонија.

Поврзани новости