Претседателот на СДСМ Зоран Заев во пресрет на празникот 8 Септември, Денот на независноста денеска одржа говор пред зградата на Собранието. Лидерот на опозицијата порача дека со граѓаните ќе се бори за правна држава, во која тие ќе го имаат главниот збор.
– Почитувани граѓани, драги млади! Чекор по чекор, но заедно се ослободуваме, сплотени еден до друг. Го кренавме гласот заедно. Заедно и ќе изградиме правна држава. Заедно и ќе создадеме правично општество на еднакви граѓани. Секој од нас е двигател на промените. Ние знаеме дека секој од нас заслужува пристојна работа, пристојна плата и достоинствен живот. Тоа e патот до стабилна и безбедна Македонија, Македонија што се развива, Македонија што ја развиваат граѓани кои мислат слободно, дејствуваат слободно, се изразуваат слободно, избираат слободно. Повикувам да покажеме дека сме подготвени за обнова на таа Македонија денеска, на овој 8 септември 2016 година, за да ги поттикнеме денешните генерации млади да се видат себеси во својата земја. Тие да продолжат да надградуваат. Тоа ние да им го овозможиме. Да извлечеме поука од искушенијата низ кои поминавме како држава, како граѓани, групи, заедници, политички партии, како индивидуи изминатите 25 години – рече Заев.