Ибрахим: Кандидатите Турци за пратеници од „Европскиот фронт“ не делат заеднички вредности, по изборите ќе ја напуштат коалицијата

by Fokus

Кандидатите Турци за пратеници кои се во коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) во рамките на „Европскиот фронт“ не делат заеднички вредности, па по изборите ќе ја напуштат оваа коалиција.

Ова во интервју за порталот PRESSonline.al го изјави Енес Ибрахим, претседател на Партијата за движење на Турците (ТХП) и кандидат за пратеник на „Коалиција за европска иднина“ во ИЕ Бр.5.

– Коалициите треба да имаат одредени вредности, во овој случај, доколку се Европски фронт, треба навистина во таа коалиција да учествуваат политички партии кои веруваат во овој концепт, а не кои сакаат само да имаат пратеник, па потоа во 20 часот на 8 мај да избегнат во различни коалиции. Изминативе години тоа се случуваше во рамки на другите коалиции, така да најголем дел од тие коалициони партнери нема да останат со ДУИ бидејќи не ги имаат истите вредности со ДУИ. Коалицијата предводено од ДУИ, сметам дека не е принципиелна. Најголем дел од тие коалициони партнери, предходни биле во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, потоа биле со СДСМ, откога им биле затворени вратите од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, нашле една мала врата во ДУИ. Кога зборам за непринципиелна коалиција, зборам за европските вредности. Во оваа коалиција имате политички партии и поединци кои секогаш биле анти НАТО, анти Европа. И затоа оваа коалиција е непринципиелна и нема да има успех – смета Ибрахим.

Доколку правиме споредба, додава тој, од времето на груевизмот, односно владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски, и владите предводени од Зоран Заев и Димитар Ковачевски разликата е многу голема.

– За време на Груевизмот, за жал, Турската заедница беше втора категорија на граѓани. Барем, Турци така се чувствуваа. Со доаѓањето, односно со промената на владата, веќе турската заедница ги има унапредено своите права. Дали е доволно? Секако дека не е доволно, но 11 години додека се боревме против режимот, турската заедница беше маргинализирана и изолирана, но и државата ни беше изолирана. Доколку турската заедница сака да ги унапреди своите права, односно, помалку бројните етнички заедници, ако сака да ги унапредува своите права, патот кон членството во Европското Унија е најбитен елемент – нагласува Ибрахим.

Според него, помалку бројните етнички заедници, вклучително и турската заедница, немаат алтернатива, и затоа, смета тој, патот кон Европската Унија мора да се продолжи.

Поврзани новости