-Мора да дадеме шанса на преговорите, секако до одреден момент. Доколку не се успее, ќе се истурат граѓаните по улиците, а јас сум должен тоа да го водам, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за „А1 он“.
Тој вели дека од цела Македонија му стигнуваат предлози за излегување на улица, па со цел да се канализираат гневните реакции на луѓето, се организираат протестни маршови низ градовите. Заев додава дека до крај треба да се даде шанса на се друго, освен истурање на гневот на улиците. Но, доколку кризата не се реши на поинаков начин, тој вели дека е должен да го предводи народот кон враќање на слободата и демократијата.
-Ако има повеќе рунди од преговорите, нека се побрзаат, ние даваме шанса на демократијата, иако често излегувавме досега понижени од преговори, со наведната глава се вративме во парламентот, а потпишаното беше тоалетна хартија. Што направи меѓународната заедница да го запре ова злосторство? Последна шанса даваме за меѓународната заедница, добри пријатели се на Македонија, прогледувале низ прсти, но заради таа пуста безбедност која сакале на еден начин да ја сочуваат за Македонија, да дадат шанса, ја алиментирале оваа диктатура и овој автократски режим кој што е поставен во Република Македонија, рече Заев.