ПРЕЖИВУВАЊЕ ВО ВЛАГА И ВО МУВЛА

by Фокус

Тежок мирис на влага е првото нешто што ве пречекува во скромниот дом на Наташа Донева од скопско Волково. Влажните ѕидови говорат за тешките услови, во кои самохраната мајка Донева ги одгледува своите две малолетни деца, 15-годишниот син и една година помалата ќерка.

Пред неколку години ова семејство имало скромен живот, но откако починал сопругот на Наташа, нивниот живот станува речиси невозможен. Престојуваат во импровизиран дом, кој го делат со уште неколку роднини.

„Сѐ беше поинаку кога сопругот беше жив, но, за жал, прерано го изгубивме. Животот оттогаш ни се сврте наопаку“, вели Наташа.

Нејзиниот сопруг бил градежен работник, но еден ден се  случила несреќа на работното место, која завршила кобно за него. Оттогаш почнува и кошмарот на неговата сопруга и двете деца. Остануваат без својот сакан сопруг и татко, но и без никаква егзистенција.

Со Наташа се сретнавме во црквата „Св.Петар и Павле“ во населбата Ѓорче Петров, каде што таа најчесто ги минува деновите. Секој ден од својот дом пешачи до црквата, каде што помага во одржувањето. За својот труд добива по некој денар, но тоа е недоволно за да ги издржува своите деца.

11117945_10204275289189460_1779229498_n

Од црквата се упативме во нејзиниот студен дом, во кој веднаш штом ќе стапнете ви заледува крвта. Таа се израдува кога забележа дека и двете деца не се дома, бидејќи ни посочи дека многу тешко им паѓа кога зборува за условите во кои живеат.

„Млади се, се срамат, па затоа е подобро што не се дома“, вели Наташа.

И покрај големата сиромаштија, сепак нејзините деца одат на училиште. Но, тоа е уште еден удар за нив, бидејќи не се чувствуваат како да припаѓаат меѓу останатите врсници. Вели дека сиромаштијата остава белег, кој е многу тешко да го носат деца на таа возраст.

11084043_10204275272189035_8716267692686572077_o

Наташа и нејзините деца ги преживуваат деновите благодарение на нивната борба за егзистенција и човековата хуманост. Но, сепак, многу дадени ветувања од надлежните, за нив останале неостварени. Затоа помошта им е неопходна.

И оваа храбра жена и нејзините две деца заслужуваат топол дом. Барем нешто да им ја стопли душата, откако починал нивниот татко и сопруг.

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Помош за социјално ранливи групи“ поддржан од фондацијата „Отворено општетсво Македонија“

Поврзани новости