Зоран Заев, лидерот на СДСМ на денешната прес конференција на која ја обелодени Предлог програмата за работата на новата влада одговараше на новинарски прашања.
Прашањата и одговорите Ви ги пренесуваме во целост:
Господине Заев, Груевски денеска повторно ве повика да ја отфрлите Платформата на Албанците, бидејќи како што вели тоа го урива унитарниот карактер на државата, воведува двојазичност, преку банкнотите, преку униформите, кој е вашиот став?
Заев: Денеска соопштуваме пред цела Македонска јавност, пред Ѓорге Иванов којшто е претседател на Република Македонија, па и пред Груевски и пред сите, соопштуваме програма на новата Влада на Република Македонија. Тоа што имаше План за живот во Македонија, програми на ВМРО ДПМНЕ, програми од политичките партии од албанскиот политички блок, се појавија платформи или било какви други почетни стојалишта за преговорите, веќе завршија. Веќе има програма на новата Влада на Република Македонија. Јавно ја објавуваме, достапна за сите, каде што јасно и транспарентно се гледаат сите нејзини детали којшто ќе бидат приоритет на новата Влада на Република Македонија.
Не одговоривте за банкнотите и за униформите?
Заев: Значи, зборував во делот на моето обраќање како осврт на новата програма за донесување на закон за употребата на јазиците и унапредувањето на јазиците на малите етнички заедници во Република Македонија. Се надевам со добивањето на мандатот ќе го добиеме просторот за да преговараме за одредени прашања којшто се присутни во јавноста и треба да се дебатира за таквите прашања и ние не бегаме од таквите прашања. Уставните експерти што ги консултираме се на ставот дека, денарите, банкнотите се користат на целата територија на Република Македонија и евентуалната употреба на друг јазик при нивната изработка е спротивна на Уставните одредби за употребата на македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат повеќе од 20% од населението во Република Македонија. Уставните експерти којшто исто така ги консултиравме се на ставот дека, и прашањето на униформите го третира Уставот, основен принцип на полицијата и армијата е единственост на униформата што значи стандардизирана облека. Оттаму, со оглед на тоа што постои единствен состав на полицијата и на Армијата на Република Македонија на територијата на Република Македонија, правењето разлики на униформата не е во согласност со Уставните определби. Но, ние остануваме отворени за дебата за сите прашања којшто се важни и се потреба на граѓаните на Република Македонија.
Дали е вистина дека претседател на Собрание ќе биде некој член од ДУИ?
Заев: Немаме разговарано за кадровски решенија, ниту за владиниот кабинет, ниту за претседател на Собранието, ниту за било која друга позиција. Јас ќе го кажам мојот став, којшто го кажувам на секаде. Апсолутно немам никакви предрасуди за етничката припадност за претседателот на Собранието, ниту пак на било која друга институција во Република Македонија. Како мандатор којшто очекува да добие шанса преку добивање на мандат да формира Влада, јас очекувам капацитетот на луѓето, така очекувам и капацитет на идниот претседател на Собранието на Република Македонија, знаејќи со што ќе се соочи Парламентот со периодот со којшто претстој пред нас. Следуваат реформи каде што Парламентот ќе биде главен коректор на власта, ќе биде тој што ќе ја критикува и корегира извршната власт, затоа што тој ја бира извршната власт, ни треба Претседател на Собранието и мене, и на Република Македонија, којшто ќе знае да отвора дебата и да ја почитува различноста на дебатата што се случува во Парламентот, кој што ќе знае да разговара и со идната опозиција, којшто ќе знае да консолидира идеи да носи заклучоци и да носи одлуки, исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија, токму предложени преку него којшто Парламентот со мнозинство гласови ќе ги усвојува како во сите демократски процеси во демократските земји.
Koга би се избрал претседател на Собранието?
Заев: Јас очекувам веќе идната недела да направиме обид со партиите коишто дадоа 67 потписи за гаранција за добивање на мандатот да влеземе и да разговараме на оваа тема. Верувам дека ќе се догoвориме ако има разбирање со идните партнери во новата Влада на Р.Македонија. Час поскоро сакам тоа да го договориме и да настапиме на транспарентен начин како што е пропишано во Деловникот во Собранието на Р.Македонија и час поскоро републичкото Собрание да има Претседател на Собранието на Р.Македонија.
Господине Заев кои се вашите следни чекори? Ќе се бира Претседател на Собрание и тогаш и нова Влада? Значи, не можете секогаш да го чекате Иванов. До кога ќе го чекате?
Заев: Еве вака, повтараме постојано сиве овие денови, јас ќе повторам уште еднаш за она за што се залагаме. Не сакаме да воведуваме нови пракси, на Македонија не и требаат такви работи. Затоа сме вака упорни и пред граѓаните и пред целата јавност, но и пред господинот Иванов. Денеска со оваа прес конференција презентирајќи Програма на Влада овде наместо во Собранието на Р.Македонија затоа што е ускратена можноста тоа да го направам. Јас сакам да го разубедам г-динот Иванов дека нема повеќе платформи, планови, партиски програми и слично. Има единствена Програма на идна Влада на Р.Македонија. Тоа беше една од резервите коишто го преокупираа Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов во своето обраќање пред граѓаните како една од причините зошто не го дава мандатот. Втората причина беше избор на Претседател на Собранието којшто ќе го извести за да може уставно да бидат покриени десетте дена без разлика дали ние се согласуваме или не. Имаме намера да бидеме одговорни пред сите и да имаме разбирање за сите. Ќе го направиме и тоа. Двете причини ќе се обидеме да ги отстраниме за да можеме да очекуваме г-динот Иванов да го додели мандатот во рок од 10 дена којшто Претседателот на Собранието преку допис ќе му ги соопшти за да може тој да го исполни и тоа очекување според него и наводни некои уставни експерти коишто тоа така го толкуваат. Еве и таа работа ќе ја направиме. Но замолувам да не се инструираат граѓаните. Да се вратат дома. Го слушнавме нивниот глас. Имавме разбирање. Денеска излегов најмногу заради нив. Тоа се наши граѓани. Некои велат членови на ВМРО ДПМНЕ, некои велат десничари. Тоа се наши граѓани. Ние мораме да имаме разбирање за различностите. Го слушнав гласот, јас и сите ние коишто имаме аспирации да ја водиме идната Влада испраќам порака и до нив да се вратат дома. Доаѓа време на демократски процеси во Македонија, на сериозни реформи во државата, на враќање на животот за сите во нашата земја.
Господине Заев едно од барањата во албанската платформа кои беа најконтроверзни е она за наводен геноцид кој треба да се изгласа во Собрание како резолуција. Прашањето е, денес не го спомнавте тоа, дали можеби во меѓувреме отпаднало или која ви е последната точка која ќе ја застапува оваа Влада во однос на ова прашање?
Заев: Оваа масовна хистерија којашто се индуцираше сиве овие денови беше меѓудругото и за ова прашање. Како што гледате јас не го спомнав и тоа не е составен дел на идната владина програма на Р.Македонија. Повторно тоа е во сферата на потребата на дебатирање, но ова е дебата што треба да ја водат пред се историчарите. Мој став е дека на овие простори низ вековите страдале многу народи од разни завојувачи, а пред се македонскиот народ. Во овие 10 години страдаа граѓани на Македонија од режимот на Никола Груевски и тоа веќе никогаш нема и не смее да се повтори. Граѓаните мора да живеат слободно, во мир, спокој и заедништво.
Не дадовте конкретен одговор што ако не успеете да го убедите господинот Иванов? Имате ли план Б за ова?
Заев: Правиме напори со цела сила што постои кај нас да сватиме различно толкување за коешто дури не се согласуваме да го разбереме и да го имплементираме. Нашиот став го знаете. Со ваквата одлука, господинот Иванов и нанесе државен удар на Македонија. Но и покрај таква силна реторика се обидуваме да разбереме, се обидуваме да ги разбереме двете причини. Потребата од десет дена при процесот од доделување на мандатот и потребата кој него го плаши, а тоа е граѓанин на Република Македонија кој против својата држава ќе овозможи или ќе дозволи наметнување на одредени ставови на туѓа земја ќе претставува кривично дело. Токму со објавување на ваквата програма, го разобличуваме и го разубедуваме господинот Иванов и сите граѓани дека не постои никаков страв или бојазност од такви намери на било кого во Македонија. И на крајот, Македонија има институции, има парламент кој ќе дебатира и ќе одлучува, има Уставен суд кој ќе одлучува, има претседател на државата кој ќе може да стави вето на сето тоа и има други институции кои ќе постапуваат согласно донесените одлуки во институциите на системот. Дајте да дозволиме процесите да течат, да бидеме добронамерни, да подадеме рака во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Албанските партии кои ви ги дадоа потписите, досега велеа без нов закон за јазици нема да бидат дел од новата влада. Дали после вашите тврдења дека нема да има двојазични банкноти, двојазични униформи и слично очекувате дека ДУИ и другите партии кои ви дадоа потписи, може да ја повлечат поддршката?
Заев: Ние дебатиравме за сите овие прашања. За да биде јасно за сите, за да навлезете во договарање, прифаќање или одбивање, вие треба да добиете мандат. Ние ги кажавме сите наши позиции, впрочем јас и јавно ги објавив после еден состанок со господинот Ахмети пред нивното партиско седиште. Реков, за сите оние работи кои ќе останат отворени ќе оставиме на тие што знаат повеќе од нас политичарите. Тоа се експертите, во овој случај устваните експерти. Нам тоа ни го кажале уставните експетри, нив можеби или можеби во јавноста уставните експерти ќе кажат нешто друго. Да не се плашиме, на крајот, дебатата на површина ќе го изнесе она што е уставно дозволиво а што не. Досега во Македонија често се шпекилираше со уставните дозволиви работи и така се протнуваа низ мала врата, низ иглина дупка. Денеска има дебата за тие работи. Радувајте се на дебатата, нема бегање од дебатата, таа носи квалитет, ги носи сите ставови и сите позиции на најстручните луѓе што Македонија може да ги има. Јас ги повикувам со својата стручна експертиза да дадат придонес по сите прашања заради тоа што ве уверувам, во разговорите со партиите со кои имаме разговори досега, а се надевам пнатаму ќе имаме и преговори, се разбираме помеѓу себе. Никој не сака да го крши Уставот. Чуму ни е некој член во Законот ако тоа ќе падне на Уставен суд? Или ако е дискутабилно? Или некој службеник да се тресе, дали да го спроведе и дали нема да направи прекршувања на позитивните законски прописи. Оставете го тоа, тоа е дебата. Во текот на дебатата, преговорите и добивање мандат, ние ќе бидеме комплетно транспарентни, не само за овие детали, туку за сите детали, од Законот за употреба на јазиците кој е составен дел на оваа програма, се што е во интерес на граѓаните, се што ги интересира било кој граанин или новинар, така што јас очекувам дека политичките партии кои дадоа потписи ќе продолжат и понатаму, со огромно доза на грижа за иднината, со грижа на едно мнозинство во парламентот, коешто ќе биде составен дел на новата Влада, ќе ги тера понатаму процесите, исклучиво во интерес, пред се, на граѓаните на Република Македонија, а секако понатаму и во интерес на помали етнички групи, верски групи, социјални групи или одредени села и градови во нашата Македонија.
Господине Заев, дали ќе има дебата за знамето, грбот и химната, со оглед на тоа што рековте дека постои загриженост, па би сакала да ни го објасните ова. Споменавте дека во вашата програма еден од стратешките приоритети е брза интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Дали тоа значи и брза промена на името и што е со она ваше предизборно ветување, за просечна плата од 30 илјади денари, дали ова ќе влезе во вашата програма?
Заев: Последното прашање ви е најдобро. 30 илјади денари просечна плата е еден од врвните приоритети во програмата на новата Влада на Република Македонија. Јас сум убеден дека таа цел е достижна и се надевам дека во текот на идниот мандат на владата ќе биде достижна, не за идниот премиер, идното владино мнозинство, да се фалат за тоа. Туку да се фалат граѓаните. Да го почувствува секој во своето семејство, како просечно примање од 30 илјади денари, во Република Македонија. Мојот став го знаете, за симболите на државата, лично сум против. Но, кој сум јас да спречам дебата и зарем може некој да спречи дебата? Не, дебата нека постои, нека разговараат сите што имаат различно мислење од Заев, различно мислење од било кој. Дебата е квалитет во ова наше општество. Самата дебата ќе испорача свои причини и потреби, цели или слично. Не бегаме од оваа работа, Македонија има институции на системот. Важно е тие што носат одлуки, и како се реализираат самите тие одлуки и како тоа граѓаните го чувствуваат. Нашиот став во поглед на уставното име на Република Македонија е апсолутно јасен за сите. Ќе биде консултиран граѓанинот во државата за евентуални разговори, и во преговарачкиот процес, за уставното име на Република Македонија. Нашиот национален идентитет, нашата национална посебност ќе биде комплетно сочувана, и апсолутно, тоа што е запишано во нашата изборна програма е преточено, исто така, и во владината програма ќе биде стојалиште зад кое стоиме целосно. По пат на дебата во којашто ќе биде вклучена и идната опозиција, ќе носиме одлуки за ова и за секое друго прашање од интерес на државата, од национален интерес, коешто задира до сите граѓани на Република Македонија. И на крајот, ќе бидат консултирани граѓаните за конечната одлука.