Заев: 2016 ќе биде година на правдата

by Фокус

Лидерот на опозицијата Зоран Заев во новогодишното обраќање вели дека никој повеќе не може да се испречи на промените што почнаа и слободата доаѓа.

-Погледнете, безброј дланки се цврсто стегнати, тоа се нашите дланки, заедно сме! Отворете ги срцата и почувствувајте нашиот копнеж се остварува! Тоа е нашиот заеднички копнеж. Доаѓа слободата! Незапирлива е нашата волја! Незапирлива е нашата одлучност!, оптимистичен е Заев.

Тој во негово и во име на  Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја честиташе „Новата, Слободна, 2016 година“.

-Знаете ли зошто почитувани граѓани? Затоа што, ова повеќе не е само желба. Затоа што, ова повеќе не е само надеж. Ова е одлука во душата на секој од нас. И ова е заедничка одлука. Незапирлива е одлуката да си го вратиме животот. Незапирлива е одлуката да си ги задржиме децата дома. Незапирлива е одлуката да живееме заедно, да бидеме еднакви, да бидеме спокојни. Нема повеќе крпен живот! Ќе ги спуштат главите оние кои повредуваа, крадеа, лажеа и ќе вратат се што одзедоа! Се сеќавате, побаравме светлина кога влеговме во 2015 година. Вистината во 2015 ни го осветли патот. По вистината, секогаш доаѓа правдата. 2016 година ќе биде година на правдата, рече Заев во новогодишното обраќање.

Поврзани новости