Забрчанец: „Отворен Балкан“ е економска иницијатива на граѓаните и компаниите и никој не може да ја укине

by Фокус

Резултатите од Отворен Балкан се видливи и препознаени и од компаниите и од граѓаните. Се реализира слободниот пристап до пазар на труд со кој нема веќе потреба од работни дозволи за граѓаните на трите земји, на граничните премини функционираат зелени ленти за брз проток на транспортните камиони, во функција е и заедничкиот систем за електронска наплата на патарини без застанување, се реализираа повеќе соработки во областа на туризмот и културата, а имаме и одлична промоција на македонското вино надвор од Македонија благодарение на Отворен Балкан, вели Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални инцијативи, Марјан Забрчанец во изјава за „Локално“.

Тој додава дека ако се погледне трговската размена меѓу земјите ќе се види дека она што е направено, не може да биде поништено.

-Дека иницијативата е жива, витална, активна и динамична потврдува и заедничката изложба на Отворен Балкан во Париз отворена од страна на трите министерки за култура, на само неколку дена после посетата на премиерот Рама во Скопје, а потоа следеше и второто издание на винскиот саем во Белград на кој учествуваа и Северна Македонија и Албанија, а пред еден месец беше пуштена во употреба мерката за слободен пристап до пазарот на труд за граѓаните на трите држави – вели Забрчанец.

Тој побара Отворен Балкан да биде поддржан од сите политички чинители и сите кандидати на овие избори кои се залагаат за европска интеграција.

-Политичарите кои го поддржуваат Отворен Балкан ја поддржуваат европскатата интеграција на земјава, се залагаат за регионалната соработка, за економската мобилност и слобода, за поголема трговска размена и против брз проток на граѓаните, производите и услугите – заклучува Забрчанец.

Поврзани новости