Пендаровски: Зад моето име нема ниту една афера, корупција, провизија

by Фокус

Сегашната опозиција беше 11 години на власт, а не паметиме дека донесе една единствена тешка одлука. Затоа што преку носењето на стратешки одлуки, се остваруваат националните интереси, но се губи рејтингот. А тие и тогаш и денес беа заинтересирани само за власт и за парите, а не за интересите на државата и граѓаните, рече претседателот Стево Пендаровски на митинг во Штип.

-Мојата политичка филозофија секогаш била против поделбите меѓу луѓето по било која основа. И денес гарантирам, не постои ниту еден човек во оваа држава кој може да каже дека бил од мене, како претседател дискриминиран по било која основа. А за жал опозицијата и нивните кандидати со години ја форсираат поделбата на наши и ваши, на патриоти и предавници, на антички и словенски македонци, и на изборите сите ние треба да ја одбиеме таквата понуда со со масовно гласање против – рече Пендаровски.

Тој ја побара довербата од граѓаните, посочувајќи дека, македонската јавност е сведок дека 5 години во континуитет јавно ги осудува грешките на сите кои ги кршат законите.

-Вечерва можам да ве погледнам во очи и да ви кажам дека зад моето име нема ниту една криминална афера, корупција, провизија или наместени тендери. Ако ја добијам вашата доверба и во следните 5 години, ќе продолжам да работам за плата, а не за проценти, ќе продолжам да ги третирам сите луѓе, на еднаков начин, независно, на кој народ му припаѓаат, или за која партија гласаат. Секогаш ќе ги помагам и ќе ги почитувам младите – порача Пендаровски.

Поврзани новости