Сценската изведба на перформансот „Циклусот на животот“ предвидена за затворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ била забранета, соопштија уметниците кои се дел од претставата.
Тие со протестно писмо за осудија цензурата од страна на фестивалот, која според нив се случила под силен притисок од политички кругови и конзервативната јавност, по што самата организација на фестивалот „Браќа Манаки“ одлучила да се повлечат и да не настапат. Нивното протестно писмо ви го објавуваме во целост:
По експлозивната сценска изведба за отворањето на 37-то издание на меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ слушнавме секакви зборови. До сега добивме и крајно идиотски, малограѓански ставови и поздрави за нашата храброст. Во еден силен тимски процес ние коментиравме сериозни животни теми и актуелен политичко-социјален статус на светско и домашно ниво.
Екипата што го изведе ова е составена од: Мартин Кочовски (режисер и автор), Филип Јовановски (сценограф и коавтор), Горјан Милошевски (коавтор), Томе Темелкоски (тон и светло мајстор), Фолтин – Славе Јовев, Пеце Трајковски, Маријан Станич, Петар Николовски, Бранислав Николов; Лука Тошев (гитарист, студент на ФМУ) како и актерите од „Прилепски театар“ – Андон Јованоски, Александар Тодески, Димитрина Мицкоска и од „Битолски театар“- Илина Чоревска, Александар Стефановски како и Анастазија Христовска, Здравко Стојмиров, Долорес Попович(конференсие и актерка), Милан Секулоски и младите посветени гимназијалци – Арменд Исаи, Маја Корлевска, Јани Патче и Бојан Југовски.
Ова сценска изведба се вика „Циклусот на животот“ и зборува за раѓањето, светогледот, откривање на моториката, осознавање на сексуалноста, стареењето и смртта. Ние го пуштивме на сцена нашиот презир за фестивалската „буржоазија од епрувета“. За инстант лажната класа што живее за кичот и моментот да бидат видени од секого.
Театарската сцена не трпи лицемерие и лаги на исилените фрази, општествена формалност, неискреност кон себе или политичката коректност.
Таа коректност денес е како мрачен среден век затруен и полн со методи, догми и сфаќања на инквизицијата. Конференсието се појави боса. По улиците, по целава земја и светот луѓето се боси. Луѓе се оставени на ГОЛА, самоубиствена егзистенција. Под овој режим дефилираат реклами и прилози за нашите убави краеви, за тоа колкава среќа е да се роди дете во оваа земја, за економија што блеска, а кога ќе отвориме врата… Кое дете? Каква економија? Абе луѓето не знаат каде глава да свртат, на кој број да свртат за да најдат некоја привремена работа (чистачка, келнер, таксист, билетар во кладилница) за да земат пари за леб. Гледаме општа беда и бегство на млади и постари луѓе, бегство од овој моментален пекол од земја.
Нашата идеја е да стиснеме печат дека доаѓа нов циклус. Го гледавме раѓањето во првиот дел. Во продолжението на „Циклусот на животот“ требаше да видиме како се откриваме себе си, како се бараме себе си, како ги откриваме своите потреби, посебноста која е општочовечка и ја откриваме својата природа преку сексуалноста. „Будење на пролетта“, така требаше да се вика оваа енергична сценска порака што ја подготвивме за затворањето на фестивалот.
Вчера го прекинаа нашиот процес што беше подготвен во експресно време во лоши услови и со понижувачки надомест за екипата. Под силен притисок од политички кругови и конзервативната јавност, самата организација на фестивалот „Браќа Манаки“ одлучи да се повлечеме и да не настапиме. Поради страв од овие теми, од причините и последиците кои го носат овој циклус е цензуриран нашиот труд. И ова не се единствените причини. Ова е одвратен пуритански напад.
Ова е политичка блокада на еден моќен, убав ангажман на група „луди“ театарџии кои со ретка страст сакаат да донесат свежина на сцената и да навестат време кое треба да дојде, не’ чека и секако доаѓа. Ова е удар на посветата да се покаже дека ни треба слобода за да се откриеме себе си. Само преку тоа откривање можеме да достигнеме зрелост во нашиот човечки вид, во нашето „Movie On!“, напред. Сакаме да кажаме „Movie On!” ама фашистичките мозоци не’ тегнат назад. Овде треба да направиме место за „Feel the Light!“ ама тоа не се случува како и нашата готова изведба „Будење на пролетта“.
Со почит,
Мартин Кочовски и Горјан Милошевски