Сообраќајот на државните патишта и натаму се одвива по влажни коловози, со остатоци од кашест снег на коловозот, по интервенција на дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“, информираат од Авто мото-сојузот на Македонија.
На дел од патните правци е укината забраната за движење на тешки товарни возила, додека на дел и натаму е во сила. Забрана за движење на камиони има на патниот правец крак Дебар-Струга, а забрана за сообраќај на автобуси има на патниот правец Тетово-Попова Шапка, информираат од АМСМ.
Оттаму додаваат дека во 08 часот и 30 минути утринава е укината забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово-Дебар во двата правци.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска маглаа исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утринските часови постои можност и од појава на голомразица.