Кој вели дека забавата завршува во шестата, седмата, па и во осмата деценија во животот? Забавата никогаш нема крај ако покрај себе имаш добро друштво, верни пријатели полни со живот, кои знаат да уживаат и да се радуваат на малите секојдневни нешта, вели Александар Јованов од Неготино, кој заедно со своите пријатели планинари, од кои што повеќето се повозрасни луѓе, речиси секој викенд организира заеднички авантури по нашите планини.
Нивната последна дружба се случила за време на викендот, во организација на Планинарското друштво Јане Сандански од Прилеп, на Плетвар, а поводот бил обележување на годишнина од преживеаната сообраќајна незгода на тројца планинари, Тоде, Вантелеја и Душко.
Планината завеана со снег и студ не ги попречиле во намерата да се соберат во планинската викендичка на еден од планинарите од Прилеп, и да поминат ден исполнет со забава.
,,Бевме 15 лица од Неготино од повеќе планинарски друштва, имаше повеќе планинари од Прилеп и еден од Кавадарци. Ние од Неготино, со себе понесовме грав, зелка, ракија и вино, па во чест на преживеаните во сообраќајката, направивме мала гозба во планинската викендичка и со тоа го славевме животот.
Плетвар ечеше од нашите песни, се свиреше и пееше, а ваквите дружби во природа им ги пожелуваме на сите, и млади и стари’’ – ни изјави Јованов.
Во неговото родно Неготино тој е познат како голем љубител на планините во Македонија, и често објавува уникатни фотографии со пејсажи од природните убавини кои што ги прави за време на своите патешествија.
Вики Клинчарова