Груевски и Ахмети преговараат, Заев убеден дека ќе формира влада

by fokus

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е сигурен дека мандаторот Никола Груевски нема да успее да формира влада. На излегување од рочиштето за случајот „Поткуп”, Заев на новинарските прашања не сакаше да каже детали за преговорите на политичката сцена, но рече оти верува дека по крајниот рок на 29 јануари, тој ќе го добие мандатот за формирање на влада.

-Јас искрено очекувам дека после 29-ти јануари мандатот ќе биде во наши раце. Зошто? Заради сите аргументации коишто целата јавност ги знае. А тоа е – мнозинството граѓани, преку 612 илјади, се определија за промени. И ова е недвосмислено јасно, еклатантна бројка е, од тоа бегање нема. Наспроти тоа, сите прагматични и практични сегашни моменти во оваа Република Македонија ни кажуваат дека промени ќе се случат, тие се здрави за државата, да бидеме уште малку трпеливи, тоа да го почекаме. – рече Заев.

Тој не сакаше да ја коментира неговата средба со Али Ахмети, бидејќи како што вели не разговарале за ништо конкретно. За албанската платформа пак, рече дека ќе ги објави ставовите на СДСМ, но не се уште, бидејќи Груевски го имал мандатот за состав на влада и тој бил на потег.

На прашањето, што доколу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направат влада, како што веќе се навестува во јавноста, Заев рече: Јас сум прагматичен политичар. Не би сакал да коментирам или прејудирирам нешто – што доколку. Да почекаме, па после тоа ќе ги дадеме нашите коментари.

Поврзани новости