За три дена три лица искасани од кучиња скитници во Неготино

by Fokus

Неготинчани се загрижени поради зголемениот број на кучиња скитници во градот, кои често шетаат во глутници, а бројот на нападнати, односно искасани граѓани постојано се зголемува.

Завчера околу 16 часот на улица „Ацо Аџи – Илов“ во Неготино Р.С.(65) била нападната од страна на неколку кучиња – скитници, при што, била касната во пределот на нозете – информираше портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

Вчера пак, околу 10.00 часот на улица „Петар М. Демирски“ во Неготино Т.Д.(54) била нападната од страна на неколку кучиња – скитници и била касната во пределот на нозете. На ден 22.02.2019 година околу 03.00 часот на ул. „Ленинова“ во Неготино лицето Љ.Т.(45) бил нападнат од страна на неколку кучиња – скитници, при што, истите го гризнале на повеќе места на нозете – известуваат од СВР Велес.

Дел од граѓаните коментираат дека се принудени да ги пречекуваат децата од училиште, од страв од групите на кучиња, со голем раст, кои во изминатиов период се почесто ги има во градот. Тврдат дека во последно време гледаат нови кучиња, кои порано не живееле во градот, а шпекулациите дека во неколку наврати со комбе биле оставени повеќе кучиња со голем раст во близина на градските гробишта, се се почести.

-Ги знаеме маалските кучиња, немаме проблем со нив. Но, градот се наполни со нови кучиња, кој знае од каде дојдоа, шетаат во групи од по пет – шест, и дури и да се безопасни, делуваат застрашувачки, посебно за оние кои се плашат од кучиња и за децата – велат неготинчани.

Загрижувачки е и тоа што по секое каснување од куче, на сцена стапуваат локалните трујачи, па недолжни животни умираат во најголема агонија од расфрланите отрови. И минатата недела во Неготино имаше расфрлан отров низ градот, кој претставува опасност по живот не само за животните, туку и за луѓето.

-Не знае човек кој е поопасен, дали кучињата или трујачите. Во круг се вртиме, ќе нападне куче човек, па ќе се расфрлаат тешките отрови, кои очигледно многу лесно можат да се купат. Потребно е трајно и ефективно решение за проблемов – раскажаа граѓани, кои минатата недела спсувале кучиња скитници затруени во центарот на градот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости