За седум дена биле направени 4.817 инспекции, затворени пет угостителски објекти

by fokus

Во периодот од 11-ти до 17 јануари, од страна на седумте инспекциски служби, се спроведени вкупно 4.817 надзори и контроли. При спроведените надзори, Државниот пазарен инспекторат, изрече 19 прекршочни пријави и 102 решенија за констатираните неправилности, како и 50 прекршочни платни налози. Во истиот период, се забележува намалување на бројот на издадени решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од коронавирус, соопшти владината прес-служба.

Во изминатите седум дена Државниот здравствен и санитарен инспекторат извршил 117 надзори, врз основа на кои изрече 20 решенија. При тоа, овој инспекторат кој покрај вршењето на надзори во здравствените установи, е задолжен и за издавање на решенија за изолација, во посочениот период издал вкупно 6.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од КОВИД-19, со што продолжува трендот на опаѓање на решенија за изолација.

Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршиле 3.159 контроли и 582 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна и според материјалните закони.

– При спроведените надзори, изречени се 19 прекршочни пријави и 102 решенија за констатираните неправилности, како и 50 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, пет решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти и тоа за две угостителски објекти во Скопје и по еден угостителски објект во Гостивар, Тетово и Куманово, во кои не се почитувало работното време и ограничувањето за четири лица на една маса. Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози, се вели во соопштението.

Поврзани новости