За СДСМ одлуката на Уставен е срамна, ВМРО -ДПМНЕ вели дека Заев го создал трас-трас судството

by Frosina Fakova

За владејачката СДСМ, одлуката на Уставниот суд со која отвора постапка за поништување на Уредбата за намалување на платите на 14.500 денари на судиите, обвинителите, функционерите и пратениците е срамна и недозволива.

ВМРО-ДПМНЕ кои поднесоа претставка пред Уставен за уредбата за исплата на платите во СЈО, обвинуваат дека токму лидерот на СДСМ, Зоран Заев го создал трас-трас судството.

– Со ова, Уставниот суд спречи обезбедување на 240 милиони денари, или околу 4 милиони евра во Буџетот за државата за мерки за справување со кризата со корона вирусот. Довербата во Уставниот суд повторно е поткопана. Ја поставува неправдата како соперник во борбата против економските последици од корона вирусот. Уште еднаш, се потврдува потребата и програмската определба на СДСМ за прочистување на судството., изјави потпреседателот на СДСМ, Коста Петров.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски пак ја коментираше изјавата на Петров и му порача дека ова не е шоу бизнис, ниту евровизија, туку реален живот во кој што жиеват граѓаните

– А, во тој живот, вашиот партиски шеф и вашата влада првите три месеци од годинава украдоа од буџетот 120 милиони евра за корумпирање мислејќи дека ќе има избори и го задолжи секое семејство за дополнителни 15 илјади денари. Е сега во тој реален живот владее и трас-трас судство и корумпирано обвинителство кое го создаде и состави твојот лидер Зоран Заев. Затоа ВМРО-ДПМНЕ поднесе преставка пред Уставниот суд и судот не може да донесе никаква поинаква одлука освен да го почитува правото како што налага. И Коста Петров и Зоран Заев треба да знаат дека се повеќе луѓе во државата се охрабруваат и се спротивставуваат на диктатот и лудилото на оваа власт на СДСМ која што за многу брзо ќе биде сменета, рече Арсовски.

Поврзани новости