Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој поради опасност од бегство доби 30-дневен притвор за случајот „Таргет-Тврдина“, односно за масовното прислушување вечерва заврши во истражниот затвор Шутка, но за разлика од бизнисменот Орце Камчев не е сместен во „хашка соба“, дознава „Фокус“.
Според нашите информации, Мијалков е сместен во обичните соби кои имаат далеку полоши услови од хашките соби, кои се сметаат за луксузни.
Хашките соби се градени според стандардите на ЕУ, па затоа условите во нив се далеку попристојни од останатите ќелии.
Според поранешни притвореници, во овие соби се сместуваат притвореници со здравствени проблеми, оние кои имаат врски или оние на кои им е загрозена личната безбедност според карактерот на делото.
Собата е околу 24 м2 и во нив се сместуваат двајца, а поретко тројца притвореници, што е сосема пристојно ако се знае дека во останатите ќелии, кои се со помала квадратура се сместуваат и повеќе лица.
Хашката соба за разлика од обичните има веце шоља (во сите други е чучавец) оградена со ѕидче од 1 метар, големо лавабо, голем прозорец, релативно нови кревети и душеци, наткасни, а послана е со ламинат.