За љубов на ќерката скопјанец направи количка на скии

by fokus

Фотографот Васе Петровски – Аманито од Скопје, направил, односно прилагодил  интересна направа идеална за снежните денови, за семејствата кои што имаат мали деца и бебиња, а сакаат да уживаат во снегот, без при тоа да ги носат малите во раце. Неисчистените улици од снег му биле додатна инспирација, па истражувајќи на интернет, добил идеја како на количката на неговата ќеркичка Бора да постави стари скии, и излегувањето надвор да го направи вистинска забава за целото семејство. Деновиве низ Скопје, каде и да се појави со количката на скии, тој е вистинска атракција, а голем е бројот на оние кои што му честитаат, но бараат и совет од него, како да го направат истото со нивните колички, и да се радуваат на снегот со своите бебиња.

„Како падна снегот во Скопје, луѓе кршат нозе, раце, колкови и што уште не, а замислете со 12 месечно бебе да излезеш надвор да се прошеташ? Нема шанси… Со истиов проблем се соочило и уште едно семејство во Канада кое што од истата мака си направило производ кој што веќе е на продажба“ – ја започнува својата приказна Васе.

„На интернет успеав да најдам неколку комерцијални производи : Polar Stroller Skis, Ski Buggy, Premier Ski и Wheel Blades, но бидејки живееме во Македонија, ако ги нарачам и додека да стигнат снегот веќе ќе се стопи, а вториот проблем беше цената, од 60$ за скија па нагоре на тоа плус поштарина, данок, царина и слично. Како професионален фотограф редовно купувам опрема која што нема никаква врска со фото апаратот, односно јас би ги нарекол пластика и железо, а во суштина се разно-разни стативи, штипки, стеги, конектори, адаптери и многу други делчиња кои што не се секогаш наменети за фотографскиот пазар, но јас се обидувам да им најдам примена вклучувајки ја цената наспроти перформанси и можностите. Во суштина се работи за производи кои ми овозможуваат да го наместам она што сакам да го фотографирам, баш така како што ќе го замислам односно има потреба да биде поставено. Прво тргнав со идеата да најдам малечки пластични скии, какви што имаше на времето, за жал веќе такво нешто не постои. Потоа ми текна дека имам еден пар многу стари Elan скии. Им ги извадив везовите, поставив четири ганц нови стеги кои што тазе ми стигнаа од Кина за еден проект и се изненадив дека одлично пасуваа на тркалата. Кога количката на скии беше готова, започнав со тестирање“ – вели фотографот, а тест возењето на количката на скии предизвикало многу позитивни реакции од минувачите, па дури и аплаузи.

„Првиот тест го направив во паркот на жената касно навечер, луѓето што едвај се разминуваа по замрзнатиот снег се радуваа гледајќи како се возам со количката на скии. Наредниот ден преку ден направив нови тестови на рамно покрај Вардар на кеј и се покажа успешно. За да викендот го тестираме на Водно со полна спрема (читај бебе)! Единствен проблем со кој во моментов се соочувам е преминување улици, но и тоа не е така страшно имајќи во предвид колку пати се соочувам со фактот дека кај нас сеуште нема рампи покрај скали и многу други непристапни места за количка, па мора да се качува количката на раце. Еве неколку денови како си играм и секој ден додавам односно одземам по нешто за да го направам да биде по практично и по лесно за користење“ – изјави Петровски. Тој додава дека во моментов барал материјал кој би бил универзален за голем број колички и секој да може сам да си ја склопи од стари скии омилената количка на своето бебе.

Вики Клинчарова

Поврзани новости