Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески е оптимист дека нема да застарат голем број предмети по измените во Кривичниот законик, кои предизвикаа бура во јавноста. Вели дека Обвинителството во овој момент нема бројка или статистика на колку предмети им се заканува застарување поради измените на КЗ и каква ќе биде судбината на дел од нив.
-Обвинителството и сите правосудни институции се должни да ги почитуваат законите што ги носи Собранието. Во делот на донесувањето на овој Закон (за измена и дополнување на Кривичниот законик н.з.) точно е дека се донесе во некоја брза постапка, меѓутоа ние како Обвинителство, и без разлика каков став да имаме, е ирелевантен со оглед дека тоа е волја на пратениците. Знаете законите ги носат пратениците и овој Закон е донесен во една законита постапка и Обвинителството од влегувањето во сила започна да го применува, изјави Јовески во изјава за медиумите по денешната седница на Советот на јавните обвинители.
Тој исто така потврди дека Владата во постапката на донесување закони, а исто така и Собранието овој закон не го доставиле на мислење до надлежните институции.
-Веројатно сметале на итноста на донесувањето на Законот. Како што е познато, тој закон беше донесен во скратена постапка со европско знаме што значи дека дека некој во политиката проценил дека е потребно итно донесување на тој закон и всушност и така беше донесен. Не само јас, туку и повеќе обвинители имаме одредени забелешки не само во делот на овој закон, туку и во делот на другите закони, но ние како правосудни институции мора да ги применуваме законите. Нашата обврска е да се применуваат законите, а постапката, целта на донесувањето Законот, дали било времето соодветно за донесување, тоа го проценува Парламентот којшто е единствено овластен да ги носи законите, рече Јовески.
Јовески смета дека нема да застарат многу предмети, веројатно во определени предмети повеќе ќе се појави проблемот на преквалфикација на кривичното дело од еден став во други.
-Се разбира, како обвинител непријатно е чувството вие да работите повеќе години на еден предмет, бидејќи за определени предмети навистина станува збор за сложени предмети во кои се обезбедувани докази и со меѓународна правна помош, во определени предмети е вложена голема енергија од страна на обвинителите и сега тие предмети или дејствија треба да се преквалификуваат како полесни кривични дела или пак во еден број случаи, мал број претпоставувам дека ќе биде тие дејствија да застарат. Но, ние и досега имавме кај определени предмети што ги водевме и предмети што ги преземавме од Специјалното јавно обвинителство за определени кривични дела да настапи застареност, додаде тој.
Уверува дека обвинителите ќе се трудат да спасат тоа што може да се спаси, ако има докази за изрекување на конфискација ќе бараат имотот да биде конфискуван.
Инаку, како што веќе ѝ е добро познато и на јавноста, со измените, меѓу другите, беше опфатен членот 353 за делото злоупотреба на службената положба и овластување и членот 354 за злосторничко здружување, за кои со најновите измени на КЗ се намалени казните и воведена е горна граница, што повлекува застарување на добар дел од делата по кои се гонат обвинетите во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).