426
Дури дванаесет „сопственици“ се пријавиле за лап-топот што вчера скопјанецот Никола Нешкоски објави на Фејсбук дека го пронашол кај трговскиот центар „Олимпико“.
Тој вчера објави дека нашол лап-топ кој паднал од покрив на некој автомобил и бараше да се јави сопственикот од кого побарал докази за сопственоста.
„Само да ви кажам дека е најден сопственикот на компјутерот. И да ве поздравам сите вас ‘сопственици’ кои се пријавивте дека е ваш…. Ама морам да признаам дека бевте креативни во смислувањето на приказните. Сѐ беше добро до моментот кога ви побарав документи за компјутерот, или ви спомнав дека на преземање ќе мора да направиме заедничка слика. Тогаш ве снема“, напиша Нешкоски на својот профил на Фејсбук.
Тој додаде и дека преку порака на Фб се пријавиле 7 „сопственици“, а на телефон петмина.