За доверба на Владата ќе се гласа во сабота?

by fokus

Најавата на пратеникот Скендер Реџепи дека ја прифаќа понудата од ВМРО-ДПМНЕ да се поднесе нова иницијатива за гласање недоверба на Владата, на која ќе бидат потпишани тој и уште 19 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ (а не и Левица), носи нови моменти.

Доколку тоа се случи и опозицијата поднесе нова иницијатива, тогаш ќе се смени и денот на гласањето недоверба. Ако опозицијата ја поднесе новата иницијатива утре, тогаш седницата за гласањето ќе треба да биде за три дена, односно во сабота.

Што се однесува до првата поднесена иницијатива, според Деловникот, подносителот истата може да ја повлече, со што ќе се откаже и седницата за гласање недоверба која спикерот Талат Џафери ја закажа за четврток.

Според Деловникот за работа на Собранието, прашање за доверба на Владата може да поднесат најмалку 20 пратеници, во писмена форма и со образложение. Потоа, спикерот Талат Џафери прашањето за доверба веднаш го доставува до пратениците, Владата и претседателот на државата.

Притоа, роковите како тече постапката се многу прецизни. Членот 215 од Деловникот предвидува дека за поставеното прашање за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница, која се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето.

К.С.Б.

Поврзани новости