Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, побара Уставниот суд да ги стопира Деталните урбанистички планови за Тафталиџе 1 и Карпош 4, пишува „Сакам да кажам“.
Станува збор за плановите кои беа донесени од претходниот градоначалник Стевчо Јакимовски за време на Божиќните празници пред две години, односно на 5 јануари 2016 година, а кои предвидуваат изградба на нови згради на местото каде што имаше паркови и зеленило. Токму за овие планови жителите на Карпош неколкупати организираа протести блокирајќи ја крстосницата кај трговскиот центар „Сити мол“, барајќи да престане бетонизаација на општината и уништувањето на малку преостанатото зеленило.
Од Општината велат дека бидејќи не била запазена законски предвидената постапка за донесување на два ДУП-а, предложиле на Уставниот суд, до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на поединечни акти или дејствија за овие два плана.