Според прелиминарните резултати , граѓаните на Србија на референдумот за промена на Уставот во областа на правосудството се изјаснија за промени, соопшти вечерва претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Според него, за „не“ на референдумот за уставни промени гласале 39,52 отсто.
Во Србија во 20 часот се затворени гласачките места на кои граѓаните на Србија се изјаснуваа на референдумот за промена на српскиот устав во областа на правосудството. Право на глас имаа 6.510.323 граѓани. Граѓаните на прашањето „Дали сте за потврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија“ се изјаснуваа со одговори „да“ или „не“. Не постои цензус во поглед на излезноста за да успее референдумот.
-Им честитам на граѓаните на Србија, им честитам на сите кои гласаа и за „да“ и за „не“, тоа беше нивно демократско определување. Задоволен сум како сето тоа изгледаше. Србија испрати позитивна слика во светот и верувам дека ќе успееме во наредниот период да направиме нешто по прашањето за суштински независно судство. Мислам дека направивме добра работа за својата земја, истакна Вучиќ.