Собранието ја изгласа владата на Ковачевски

by Fokus 23:32
23:32

Со 62 гласа „за“  и  46 гласа „против“ од вкупно присутни 108 пратеници Собранието ја изгласа новата влада предложена од мандатарот Димитар Ковачевски.

-Оваа Влада има легитимитет и таа ќе работи до 2024 година кога ќе има избори, до тогаш ќе работиме транспарентно и работливо, уште од првиот ден, уште од утре. Веќе утре ќе расправаме за енергетската криза. Задутре ќе разговарам со бугарскиот премиер Кирил Петков базиран на почитување на македонскиот идентитет и посебност. Веднаш потоа ќе расправаме за пензиите и за стандардот на граѓаните. Имам јасен план за реализација на програмата со реални рокови“, изјави на крајот од расправата мандатарот Димитар Ковачевски порачувајќи дека доаѓа ново време.

-Искрено се надевам дека опозицијата ќе биде конструктивна и дека ќе работи заедно со нас секогаш кога тоа е во интерес на граѓаните. Повикувам да престанат политичките и етничките поделби и заедно да ги решаваме клучните приоритети. Повеќе од кога било е потребно да се работи, рече Ковачевски.

На крајот од кусото обраќање тој рече: „Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам добро здравје, мир и спокојство во семејствата. Ветувам дека ќе направиме се да ја оправдаме  довербата на граѓаните. Доаѓа ново време, доаѓа подобро време, да живеат граѓаните, да живее Северна Македонија“.

 

Поврзани новости