Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека нема намера да апси владици и свештеници, но тој најави уште еден разговор со патријархот Иринеј за да го убеди да се откаже од повикот на верниците да им се дозволи присуство во храмовите за Велигден.
– Со патријархот Иринеј разговарав во саботата и можам да кажам дека имавме долг разговор. Но, што и да кажам во моментов, знам дека јавноста ќе ме распне. Ќе се обидам и утре да разговарам со патријархот, но знајте дека ќе ги поддржам лекарите. Не ни паѓа на ум да ги апсиме владиците и свештениците. Ќе разговарам со патријархот Иринеј, ќе го молам, ќе коленичам пред него, со цел да му објаснам што сака државата да направи. Сакаме да победи животот – порача Вучиќ.
Тој додаде дека ако неговите молби не вродат плод, тогаш дополнително ќе ја извести јавноста за следната одлука.