Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека Израел и Србија заедно ќе ги направат најдобрите дронови во овој дел од светот, кои, како што изјави, не се евтини, но се исклучително ефикасни.
Тој за време на одбележувањето на Денот на одредот на воената полиција „Кобра“ за специјални намени, рече дека во Србија ќе се произведуваат дронови, кои не се евтини, но се исклучително ефикасни во уништувањето на жива сила и оклопни возила.
– Израелци, затоа што го прават најдоброто, и тоа ќе биде 50 проценти ние, 50 проценти тие. Така добиваме паметни, така добиваме иновации, така добиваме наши луѓе кои можат да прават такви работи во иднина – рече тој.
Кога еден новинар го праша да коментира одредени тврдења дека Израел ќе гради фабрика за дронови во Србија, а потоа и дронови, Вучиќ праша дали ова е комплимент или го критикуваат.
– Мислам дека ме фалат. Не можеме да правиме дронови како што може да прави Израел. Горд сум на тоа, ќе го направиме тоа заедно, ќе биде половина-половина, 50-50. Ова покажува дека ќе ги имаме најдобрите дронови во овој дел од светот – рече Вучиќ.