На денешното судско рочиште во скопскиот Кривичен суд на судењето против Зоран Јованов, таткото на осудениот Васил кој предизвика тешка сообраќајна несреќа во која загина Фросина Кулакова, сведочеше сопругата Ана и нагласи дека сопругот не му дозволувал на Васил да вози додека не го положи возачкиот испит.
Таа рече дека возилото „пежо 207“ е купено 2016 година, непосредно по нејзиното вработување на работно место што било по оддалечено и лошо поврзано со јавен превоз. Прашана дали Зоран некогаш го дал тоа возило на управување на Васил, Ана рече дека „апсолутно никогаш го нема дадено, ниту одобрено, и бил секогаш категорично против Васил да го употреби за каква било пригода“.
И други сведоци на одбраната сведочеа дека Зоран како „принципиелен и чесен човек“ не му дозволувал на синот да вози пред да добие возачка дозвола и додека не заслужи.
Судењето продолжува на 28 април со испитување уште четири сведоци, а во мај ќе треба да биде сослушан и Васил Јованов.
Судењето против Зоран Јованов, таткото на Васил, почна во јуни 2025 година и тој се товари за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејство или средства“ откако во јануари 2025 година, неговиот син управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во Фросина Кулакова на булеварот Партизански одреди.
Девојката почина на самото место.