Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека нема да биде лесно да се постигне договор меѓу Косово и Србија, но дека сепак треба да се даде шанса на дијалогот.
Во интервју за сараевската телевизија Н1, Курти вели дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ е „политички студент“ на лидерот на српските радикали, Војислав Шешељ, додека тој самиот е политички студент на борецот за права на косовските Албанци, Адем Демачи.
-И овој судир меѓу косовскиот премиер и српскиот претседател е, на суштински начин, судир меѓу Адем Демачи, таа визија и тоа наследство, и Војислав Шешељ од друга страна. Затоа јас признавам дека договорот меѓу Косово и Србија нема да биде лесно да се постигне, но сепак сметам дека треба да се даде шанса на дијалогот и да се надеваме и да работиме за подобро – изјави Курти.
Сегашниот косовски премиер пред и за време на војната во Косово беше соработник на тогашниот политички претставник на Ослободителната Војска на Косово, Адем Демачи, познат и како „косовски Мандела“ поради тоа што помина 28 години во затвор во поранешна Југославија.
Самиот Курти во април 1999 година беше уапсен од српската полиција и осуден на 15 години затвор, за кривичното дело „загрозување на територијалниот интегритет на СР Југославија“, но беше ослободен во декември 2001 година, по силниот притисок од меѓународната заедница врз Србија да ги ослободи албанските политички затвореници.
Вучиќ од 1995 до 2009 година беше генерален секретар на Радикалната партија на Војислав Шешељ, кој ја има и титулата „четнички војвода“ и кој беше правосилно осуден на 10 години затвор од Меѓународниот суд за воени злосторства поранешна Југославија во Хаг поради злосторства против човештвото.