Родителите на убиените деца кај Смиљковци: Политичарите се пазарат со крвта на нашите деца!

by fokus

Повеќе од една година Врховниот суд не закажува јавна седница за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, за што на доживотен затвор, со неправосилна пресуда, беа осудени шестмина обвинети, а еден доби ослободителна пресуда.

Одбраната жалбите ги поднесе уште на 4 јануари 2016 година, но од судот се уште не закажуваат седница. Семејствата на убиените момчиња се сомневаат дека седницата се пролонгира бидејќи се чека прво да заврши, како што велат, пазарењето за новата влада, па потоа да го направат и пазарот за судскиот случај.

-Очигледно е дека се чека прво политичарите да седнат во фотелјите, па потоа на дневен ред ќе дојде „Монструм“. Јасно е дека сите политичари се пазарат со крвта на нашите деца, вели револтирано Горан Наќевски.

И од одбраната истакнуваат дека досега требало да биде закажана јавната седица и дека не им е јасно зошто се одложува. Тие најавуваат дека ситуацијата ќе се смени вртоглаво, односно убедени се во невиноста на своите клиенти и очекуваат истото да се утврди на јавната седница.

На седницата на Врховниот суд се очекува да присуствува и Специјалното јавно обвинителство, кое го презеде случајот во свои раце. Од нив вистината ја бараат и двете страни. Родителите очекуваат дека конечно ќе го слушнат името на нарачателот на велигденскиот масакар, а од одбраната очекуваат да докажат дека извршителите се други лица.

Апелацискиот суд минатата година во декември ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд во Скопје.

„Со цитираната пресуда на Апелациониот суд Скопје, по одржаната јавна седница и сеопфатната анализа на доказите и оцена на жалбените наводи, жалбите на обвинетите А. И., А. Д., А. И., Ф. А. и С. Љ., огласени за виновни за кривичното дело – тероризам од членот 394-б став 1 од Кривичниот законик како соизвршители, и обвинетиот Х. А. огласен за виновен за кривичното дело – тероризам од членот 394-б став 1 од Кривичниот законик како помагач, кои се осудени на казна доживотен затвор изречена од страна на првостепениот суд, се одбиваат како неосновани“, стоеше во одлуката на Апелациониот суд.

Со пресудата од 30 јуни 2014 година, на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште не се екстрадирани од Косово.

Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени на 12 април 2012 година, на Велики четврток,  додека ловеа риба кај Смиљковското Езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај македонското население.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости