СЈО отвори истрага за набавката на „мерцедесот“ на Груевски

by fokus

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага за начинот на кој бил купен мерцедесот од 572.780 евра со кој се возеше доскорашниот премиер Никола Груевски. СЈО оваа истрага ја нарече „Тенк“, а информираат дека кривично се гонат две лица, кои биле задолжени за спроведувањето на јавната набавка.

-Со наредбата за спроведување на истражната постапка во случајот „Тенк“ опфатени се две лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од КЗ, за дејствија случени во периодот од февруари 2012 година до крајот на октомври 2012 година. Во конкретниот случај постои основано сомнение дека со цел да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип на патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење на јавни набавки, незаконски да повласти – фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип, се објаснува во соопштението на СЈО.

Оттаму додаваат дека постои основано сомнение дека во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството, било постапено спротивно на член 36 од Законот за јавните набавки.

-Во тендерската документација имало повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки со цел фаворизирање на определен економски оператор, без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените во тендерската документација. Постои основано сомнение дека второосомничениот во постапка по јавни набавки иако бил свесен за незаконското привилегирање на определен економски оператор, сепак донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор за јавна набавка на возило на износ од 29.852.542 денари и ДДВ во износ од 5.373.458 денари или околу 572.780 евра, велат од СЈО.

Поврзани новости