Врховниот суд отфрла секаков вид на надворешно влијание и искажува загриженост од однесувањето на политичките партии. Ова се заклучоци кои ги донел највискиот суд на општа седница којашто се одржала во вторникот.
– Општата седница укажува дека работењето на Врховниот суд на Република Северна Македонија е во согласност со горенаведените принципи при што се раководи од постојните законски одредби, слободното судиско убедување и најдобрите практики и без никакво влијание, со цел обезбедување на единство во примената на законите.
Анализирајќи ги последните настани организирани од страна на политичките партии, Општата седница укажува на потребата од обезбедување на услови за независно и непристрасно постапување на судовите во согласност со законот и другите релевантни акти, притоа отфрлувајќи секаков вид на надворешно влијание врз правораздавањето.
Општата седница искажува загриженост од таквите и слични, евентуални идни однесувања на политичките партии, особено во изборен период и за предизборни цели, притоа апелира на воздржаност и соодветно комуницирање, без да се загрози независното и самостојно постапување на судската власт и судиите, се вели во соопштението на Судот.
Оваа реакција на Судот следува по маршевите на двете политички партии пред судовите и откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонији Милошоски објави телефонски разговор во кој наводно се слуша дека Заев влијаел на одлуките на Врхвниот суд и комуницирал со поранешниот претседател, Вангеловски.
На седницата, Врховниот суд ги одбил барањата за изземања на членови на жалбените совети кои беа оформени по жалбите кои ги поднесоа поранешниот претседател на Врховен суд, Јово Вангеловски и судијката Рахилка Стојковска против одлуката на Судски совет за нивно разрешување.